
Соопштение на Левица:
На денешната седница за пратенички прашања, пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, ја разобличи шемата на партиско профитерство во енергетиката, преку изградба на енергетски објекти, каде фирми блиски на ДПМНЕ и СДС се редат за милионски бизниси, а за сметка на тоа државната ЕСМ тоне во долгови. „Ќе го разрешите ли директорот на ЕСМ, Узунчев, и целиот Управен одбор, поради загуба од 108 милиони евра, или ќе продолжите да ја претварате државната компанија во загубар за да можат бизнис партнерите на Мицкоски, со неговите скриени фирми и партиските функционери од ВМРО и СДСМ да профитираат од бизнисот со струја?”, ја праша Мојсоска, министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Во своето излагање Мојсоска истакна дека најавените инвестиции во енергетскиот сектор покажуваат „директна поврзаност меѓу бизнисот со струја и политичките елити од ДПМНЕ и СДСМ”, оценувајќи дека двете партии „го делат милијардскиот колач во профитабилниот бизнис со струја, додека цехот го плаќа народот со најскапа цена на струја во регионот”.
Мојсоска во фокусот на пратеничкото прашање ја постави компанијата „Фонко – Хидро”, која според планот за 2026 година треба да ја гради најголемата фотоволтаична централа и потсети дека станува збор за поранешна компанија на Мицкоски. Исто така кажа дека јавноста има право да знае повеќе за оваа компанија и за бизнис релациите поврзани со неа.
„Фонко Хидро воопшто не беше спомената во биографијата која Мицкоски ја достави до Собрание при неговиот избор за премиер. Значи оваа фирма која сега ќе ја гради една од поголемите фотоволтаични централи не била значајна за да се спомне во неговата биографија иако до детали беа наведени стручните трудови, небаре собранието избира професор, а не претседател на влада чии конекции во бизнисот треба да бидат на највисоко ниво на транспарентност”, рече Мојсоска.
Таа посочи и на компанијата „Енерготек”, каде како што истакна Мицкоски исто така имал удели, а и во двете фирми има ист управител, Стеван Трајкоски. Според Мојсоска, токму преку овие поврзаности се отвора прашањето за потенцијална фаворизираност во енергетскиот сектор.
Дополнително, ја отвори и поврзаноста на премиерот Мицкоски со случајот „Делчевски ниви”, наведувајќи дека лица кои беа осомничени во тој предмет денес се појавуваат како дел од компании што добиваат можност да инвестираат во нови енергетски капацитети.
„Е сега, додека управителот Стеван Трајкоски не е звучно име во јавноста, едно од имињата кое има удел во контроверзната Енерготек е осомничениот во случајот Делчевски ниви, односно лицето Орце Тодоровски Ефто кој е и близок пријател на Мицкоски. Ќе потсетам дека овој случај каде беа осомничени партнерите на Мицкоски од бизнисот со хидроцентрали падна поради промената на изјава на човек на Зоран Заев”, рече Мојсоска.
Понатаму таа додаде дека ова не е единствено име од случајот „Делчевски ниви” кое влегува во бизнисот со струја. Посочи дека и Дарко Ќурчиски, со неговата фирма Герман енерго солушн од Пехчево ќе гради фотонапонска централа, а како што рече, за Ќурчиски е познато дека е сопственик и на други фирми кои добивале сомнителни тендери.
„И сега кратко ќе ги наведам другите партиски лица кои ќе се офајдат од бизнисот со струја во најсиромашната држава во Европа со највисоки сметки за струја: газдата на БИ-СИ, Ивица Георгиевски Фреди, кој е близок пријател на вицепремиерот Николовски, неговиот брат Бранко Герогиевски, со фирма која нема вработени и нема приходи, ќе се офајдат и фирмите на функционерите на СДС и тоа поранешниот градоначалник на Кисела вода, Филип Темелковски, како и Илија Локвенец, син на поранешниот пратеник од СДС, Хари Локвенец”, истакна Мојсоска.

