Skip to main content
Скопје

Парното во Скопје да продолжи и во следните два дена, препорака од РКЕ

30/04/2026  13:16

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги задолжи ЕСМ Снабдување, ЕСМ Енергетика и Енерџи Еколинк (поранешна Топлана Скопје Север) да продолжат со греење и во следните два дена, на 1 и 2 мај, иако грејната сезона завршува на 30 април.

Како што се наведува во соопштението од РКЕ, одлуката следува по добиените пет дневни податоци за среднодневната температура на воздухот од Управата за хидрометеоролошки работи, кои покажуваат дека се очекуваат невообичаено ниски температури за овој период од годината.

„Целта е достигнување на високи стандарди во исполнување на јавната услуга снабдување со топлинска енергија за греење“ се посочува во соопштението.

Времето денеска е променливо облачно и свежо со врнежи од дожд, наместа пообилни (15 до 20 l/m²). УХМР соопшти дека поради продор на постуден воздух од север, врнежите од дожд на планините ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, кој наместа долж Повардарието ќе надминува брзина од 60 km/h. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18 степени.