
Се оччекуваат поголеми цени на енергенсите годинава за 24 проценти поради војната во Иран и блокадата на Ормускиот Теснец, предупредува Светската банка во најновиот извештај „Преглед на пазарите на суровини“.
Глобалните пазари се соочуваат со најголема нестабилност во последните четири години, а вкупните цени на суровините би можеле да пораснат за 16 проценти во текот на 2026 година.
Главен фактор е нарушеното снабдување со нафта, при што глобалното производство е намалено за повеќе од 10 милиони барели дневно.
Иако дел од цените се стабилизирале по почетниот шок, долгорочните последици од нападите врз инфраструктурата и тесните грла во Ормускиот Теснец ќе ги задржат трошоците високи и во наредниот период.
„Владите треба да избегнуваат широки и нецелни фискални мерки кои можат дополнително да ги нарушат пазарите, туку да се фокусираат на привремена поддршка за најранливите домаќинства“, изјави заменик-главниот економист на Светската банка, Ајхан Косе.
Ормускиот Теснец, преку кој се транспортира околу 20 проценти од светската нафта, е клучната точка на кризата. Поради воените дејства, поморскиот сообраќај е сериозно нарушен, што директно влијае врз глобалните цени.
Светската банка прогнозира дека просечната цена на нафтата „брент“ во 2026 година ќе достигне 86 долари за барел, што е значително зголемување во однос на просекот од 69 долари во 2025 година. Во моментов, цените веќе ја надминуваат границата од 100 долари.

