Skip to main content
Македонија

ССМ повикува на масовен првомајски протест: „За плата се бориме, не се молиме“

26/04/2026  18:32

Работничките права и платите повторно ќе бидат во фокусот на јавноста на 1 Мај, кога синдикатите најавуваат масовен протест во Скопје. Со јасна порака за подобар економски статус, работниците ќе излезат на улица за да ги искажат своите барања.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ги повика сите работници да се приклучат на овогодишниот првомајски протест, кој ќе се одржи под мотото „За плата се бориме, не се молиме“, . Собирот е закажан за 1 мај во 11:00 часот, а почетната точка е пред Работничкиот дом во Скопје.

Од ССМ нагласуваат дека борбата за работничките права не е еднократен настан, туку континуиран процес што бара постојана ангажираност. Први Мај, како Меѓународен ден на трудот, според нив, претставува симбол на долгогодишната борба за подобри услови за работа и обврска да се продолжи таа борба и во иднина.

Ова е осма година по ред како синдикатот организира првомајски протест, со цел да испрати силна порака до институциите и работодавачите. Синдикалците потенцираат дека е неопходна поголема солидарност и единство меѓу работниците за да се обезбедат повисоки плати и поправеден третман.

Со протестот, тие очекуваат да се зголеми притисокот врз надлежните за подобрување на условите за работа и заштита на работничките права, нагласувајќи дека достоинствената плата треба да биде основно право, а не привилегија.