
Под мотото „Лидерство. Пријателство. Влијание.“, Алумни асоцијацијата на Иванов Школата за лидери (ИСЛАА) го одбележа својот јубилеј – 15 години од основањето, со свечен настан кој ги обедини алумнистите, поддржувачите и пријателите.
Во изминатите петнаесет години, ИСЛАА прерасна во влијателна заедница од над 600 алумнисти од земјата и од светот.
Основачот на Школата за млади лидери, поранешниот претседател проф. д-р Ѓорге Иванов, во своето обраќање истакна:
„Денес гледаме заедница од стотици алумнисти кои делуваат во различни сфери, државни институции, бизнис, граѓанско општество, образование, иновации и медиуми. Тоа се луѓе кои не само што се развиваа индивидуално, туку придонесуваат во развојот на општеството и во создавањето нови генерации лидери. Ова е вистинската вредност на Школата и на Алумни асоцијацијата.“
Осврнувајќи се на значењето на заедницата и улогата на секој алумнист во нејзиното градење, претседателката на ИСЛАА, Анастасија Илиевска, истакна:
„Оваа вечер е јубилеј на секој еден од нас, без разлика дали сте дел од оваа приказна една година, пет или сите 15. Затоа што ИСЛАА е мрежа на луѓе, сите наши приказни, испреплетени и различни, но поврзани со една иста мисија и визија: да ја направиме Македонија и светот подобро место за живеење.“
Јубилејниот настан беше можност да се оддаде признание на поединци и организации кои имаат значаен придонес во развојот на Школата и ИСЛАА.
Извршниот одбор на ИСЛАА додели плакета за особен придонес на основачот на Школата за млади лидери, претседателот Ѓорге Иванов, за неговата визија и за поставувањето на темелите врз кои се изградени генерации лидери.
Посебно признание му беше доделено на Даниел Ѓокески, првиот претседател на ИСЛАА, за неговата улога во поставувањето на организациските темели и развојот на асоцијацијата.
Плакети беа доделени и на истакнатите алумнисти, министерот Стефан Андоновски и шефот на кабинет на министерката за финансии, Катерина Антовска, за нивниот придонес во општеството.
Признанија беа доделени и на поддржувачите на ИСЛАА: Хотел Инекс Олгица, Екофлуид, Екобит, Нома Систем Солушнс и Рагуза груп.
Настанот испрати јасна порака дека ИСЛАА не е само организација, туку жива заедница со долгорочно влијание.
Со 15 години зад себе, ИСЛАА продолжува да ја гради својата мисија: да поврзува, инспирира и поддржува млади лидери кои ќе придонесуваат за подобро и поодговорно општество.

