
Во последното гостување во емисијата Ноќно студио на 4ТВ, поранешната обвинителка Вилма Рускоска отвори лично и емотивно поглавје од својата семејна историја, испраќајќи силна порака за иднината на државата.
Рускоска се присети на страдањата што ги преживеало нејзиното семејство во минатото. Таа рече дека нејзината мајка била во бугарски затвор, додека нејзиниот татко уште на 22-годишна возраст бил комесар на дивизија и потполковник, борејќи се за слободата на Македонија.
„Татко ми бил ранет со бугарски куршум. Не му го извадија бидејќи беше на ризично место, под левата плешка. Така и го закопавме — со куршумот во него“, откри Рускоска во емотивниот разговор.
И покрај тешкото семејно наследство и личните трауми, таа порача дека Македонија не смее да остане заробена од историјата и старите поделби.
„И покрај сè, јас сум за внесување на Бугарите во Уставот. Историјата треба да ја оставиме во минатото, да живееме во сегашноста и да мислиме на иднината. Нашата единствена иднина е Европската Унија“, истакна Рускоска.
Со оваа порака, поранешната обвинителка јасно стави до знаење дека, според неа, државните интереси и европската перспектива треба да бидат над историските болки и минатите конфликти.
