Skip to main content
Македонија

Фетаи не се гледа повеќе во Владата вели Мицкоски

24/04/2026  08:51

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва откри дека вицепремиерот Арбен Фетаи лично му соопштил дека во иднина повеќе не се гледа како дел од Владата што тој ја предводи и дека размислува за враќање во Брисел.

Во интервју за телевизија Сител, Мицкоски изјави дека разговорот со Фетаи се случил пред неколку недели, кога вицепремиерот му кажал дека сака повторно да ја продолжи својата професионална кариера во Брисел, каде што веќе има претходно искуство.

„Рече дека ќе се врати во Брисел имајќи го предвид неговото образование и искуство во институциите таму. Мислам дека би било добра можност да биде некаков специјален пратеник во рамки на Европскиот парламент, на бриселската администрација“, изјави премиерот.

Според него, Владата и државата треба да го искористат искуството и меѓународните контакти на Фетаи, особено во период кога земјата се соочува со сериозни европски предизвици.

Изјавата доаѓа откако министерот за здравство Азир Алиу во интервју за „360 степени“ посочи дека Фетаи во последниот период не присуствува на владините седници.

Премиерот истовремено најави дека кон крајот на мај или почетокот на јуни ќе следува реконструкција на Владата.

„Ќе има промени, тоа е факт. Заедно со коалициските партнери ќе анализираме одредени ресори, имиња и можни ротации“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека реконструкцијата ќе следува по конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, а засега не откри конкретни имиња и ресори што би биле опфатени.