
Македонските граѓани, лани, потрошиле 950 милиони евра за купување на интернет, што е пораст од 36 % во однос на 2024 година, покажуваат податоците од извештајот на Асоцијацијата за е-трговија.
Повеќе од половина од парите или 470 милиони евра завршиле во касите на македонските – е-трговци. Кај нив пазареле и странци кои потрошиле 52 милиони евра во македонски е-продавници. Или вкупно 522 милиони евра.
Вкупно 428 милиони евра македонските граѓани, меѓутоа потрошиле кај странски е-трговци што е раст од 45% во однос на 2024 година.
Бројот на вкупните онлајн трансакции изнесува 28,9 милиони, односно тој е за 32 % поголем во однос на 2024 година. Најизразен пораст повторно се забележува кај домашните картички кон странски е-трговци, со пораст од дури 61 %, што укажува на зголемена фреквенција на онлајн купувањата, најчесто со пониска поединечна вредност.
Бројот на трансакции кај домашните е-трговци исто така расте, но со поумерено темпо, односно остварени се 15 милиони трансакции што претставува пораст од 14 % во однос на истиот период минатата година, додека од странство кон домашните е-трговци се остварени два милиони трансакции, односно има пораст од 39 % во однос на минатата година.
Просечната вредност на направените онлајн трансакции во 2025 година изнесува речиси 33 евра и е еднаква како и во 2024 година.
Просечната вредност остварена за купување со македонски картички од странски е-трговци се намалила за 10 % и изнесува 34 евра, додека кај имателите на домашни картички кон домашните е-трговци се зголемила за 6 % и изнесува 32 евра, а странските иматели кон домашните е трговци, исто така, ја зголемиле вредноста за 1 % и изнесува 31 евро.
– Податоците за 2025 година јасно потврдуваат дека е-трговијата во Северна Македонија продолжува да бележи силен и динамичен пoраст. Особено значаен е порастот од 32 % во вкупната вредност на онлајн трансакциите, што укажува на зголемена доверба на граѓаните во дигиталните канали за купување, но и на постепена зрелост на пазарот – вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска-Станков.
Во 2025 година, согласно со подaтоците на Народната банка, има вкупно 1.829 трговци со виртуелни места на продажба, но активни е-продажни места се 1.396, односно 84 повеќе во однос на минатата година.
