Skip to main content
Свет

Масовна тепачка меѓу 1000 навивачи на Баерн и Штутгарт – 500 од нив се уапсени

20/04/2026  19:49

Повеќе од 500 навивачи на Штутгарт се приведени по масовна тепачка со навивачи на Баерн пред Алијанц арената во Минхен, пред неделниот натпревар во кој домаќините со победа го обезбедија освојувањето на 35. титула шампион на Германија, изјави во понеделник портпаролот на полицијата, Кристијан Дрекслер.

Околу 1000 навивачи учествувале во судирите, соопшти полицијата, додавајќи дека „се чинело дека инцидентот бил планиран“. Дрекслер изјави дека околу 500 навивачи на Штутгарт биле на пат од метро-станицата кон стадионот кога одеднаш почнале да трчаат во неочекувана насока. Групата, во која имало и неколку маскирани лица, наишла на приближно ист број навивачи на Баерн на паркинг. Полицијата веднаш успеала да ги раздели двете групи и да ги опкружи навивачите на Штутгарт.

Сите се пуштени на слобода

Околу 350 од нив биле однесени во полициската управа во центарот на градот, додека останатите биле приведени на местото на настанот. До вечерта сите биле пуштени. Им се става на товар, меѓу другото, нарушување на јавниот ред и мир, како и пружање отпор при апсење.

„За такви проблематични лица нема место во Минхен“, изјави Дрекслер. Приведени биле само навивачи на Штутгарт, бидејќи немало доволно полицајци на лице место за да се приведат двете групи. Повеќе од 300 полицајци биле распоредени на Алијанц арената во текот на целиот натпревар.