
Протеините во прав стануваат се почест избор кај рекреативците, спортистите и кај луѓето кои сакаат брзо и лесно да го зголемат внесот на протеини во секојдневната исхрана. Практичноста, брзата подготовка и јасно означениот нутритивен состав ги направија еден од најбараните додатоци на пазарот.
Но, со нивната популарност се отвораат и важни прашања дали навистина се неопходни, колку се безбедни и дали можат да ја заменат природната храна.
Експертите посочуваат дека протеинските прашоци најчесто се добиваат од млечни извори, како сурутка и казеин (млечен), но постојат и растителни варијанти направени од грашок, ориз или соја. Нивната предност е тоа што обезбедуваат концентриран внес на протеини без многу дополнителни калории, што може да помогне при градење мускулна маса, закрепнување по тренинг или при калориски рестрикции.
Сепак, нутриционистите предупредуваат дека истите хранливи материи можат да се внесат и преку природни намирници како јајца, месо, риба, млечни производи и мешунки. Дополнително, овие продукти содржат витамини, минерали и влакна кои ги нема во повеќето суплементи.
Кај дел од корисниците можат да се јават и несакани ефекти, особено кај протеините на база на млеко. Надутност, грчеви, проблеми со варењето и нетолеранција на лактоза се меѓу најчестите реакции.
Дополнителен проблем е што не сите производи се со ист квалитет. Анализи на дел од протеинските прашоци покажале присуство на траги од тешки метали, пестициди или други несакани супстанции, што зависи од производствениот процес и контролата на квалитетот.
Стручњаците заклучуваат дека протеините во прав можат да бидат корисен додаток, но не и замена за разновидна и балансирана исхрана. За повеќето луѓе, правилно составеното мени е сосема доволно за задоволување на дневните потреби од протеини.

