
Во присуство на гости, експерти и соработници, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски го најави почетокот на одбележувањето на значајниот јубилеј 100 години од постоењето на Зоолошка градина Скопје.
Тој истакна дека овој јубилеј има посебно значење како симбол на долгогодишна традиција исполнета со спомени, детска радост и трајни вредности, но и како обврска за создавање подобри услови и посигурна иднина за установата.
На настанот присуствуваше и експертот Марјо Худемакер, чија поддршка, заедно со новата енергија и стручност, ќе придонесе кон процесот на модернизација и унапредување на стандардите, со цел повторно приклучување кон Европска асоцијација на зоолошки градини и аквариуми.
Најавени се инвестиции, модернизација и нови содржини, со цел зоолошката градина да стане простор за едукација, доживување и подигање на јавната свест. Дополнително, ќе се спроведат и кампањи за поддршка и грижа за животните, преку кои граѓаните ќе можат активно да се вклучат.
Градоначалникот упати повик до сите граѓани да застанат зад оваа визија и заеднички, достоинствено и со гордост, да се одбележи големиот јубилеј 100 години ЗОО Скопје.


