
Протестот на албанската опозиција против владата на премиерот Еди Рама синоќа во Тирана прерасна во насилни судири пред седиштето на владата, откако демонстранти фрлаа молотови коктели и пиротехника, а полицијата одговори со водени топови. Според извештаите, има повредени и приведени.
Протестот го организираше Демократската партија на Албанија, со поддршка од други опозициски партии, а главното барање беше оставка од премиерот Еди Рама. Дел од демонстрантите тврдат дека при интервенцијата биле употребени и солзавец и спреј.
Судирите доаѓаат во период на силна политичка напнатост во Албанија, каде опозицијата со месеци ја обвинува власта за корупција и злоупотреба на институциите. Претходно беше објавено дека протестниот бран е поврзан и со случајот околу вицепремиерката Белинда Балуку, против која беа изнесени обвиненија за манипулации со јавни тендери, што таа ги негира.
Ова не е прв ваков протест годинава. И во февруари во Тирана имаше насилни антивладини демонстрации со слични сцени, што покажува дека политичката криза во земјата продолжува да се продлабочува.

