Skip to main content
Македонија

Марковиќ: Ако Албанија и Црна Гора влезат пред нас во ЕУ – тоа ќе биде огромен пораз за Македонија

17/04/2026  16:50

Професорот Ненад Марковиќ во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4tv.mk оцени дека Македонија не смее да живее во уверување дека времето работи во нејзина корист кога станува збор за европските интеграции.

Според него, земјата повторно влегува во опасна замка ако смета дека процесите ќе се решат сами од себе, додека соседните држави напредуваат кон членство во Европска Унија.

„Илузијата дека времето работи за нас е погрешна. Ако уште една мала држава влезе пред нас, тогаш ќе имаме уште повеќе вето-играчи кои можат да нè оценуваат“, истакна Марковиќ.

Тој посочи дека најреални кандидати за напредок во моментов се Црна Гора и Албанија, додавајќи дека доколку тие две земји ја престигнат Македонија, тоа ќе претставува сериозен политички и стратешки неуспех.

„Тоа ќе биде огромен пораз за нас. Можеме да го релативизираме колку сакаме, но ќе биде јасен сигнал дека сме ја пропуштиле шансата“, нагласи професорот.

Марковиќ смета дека трошоците од нерешавањето на спорот со Бугарија се сè поголеми, не само политички, туку и економски. Тој предупреди дека Македонија ризикува да остане без значајни европски фондови, инвестиции и развојни можности што ги носи процесот на пристапување.

Како пример ја посочи Унгарија и премиерот Виктор Орбан, за кого рече дека често ја критикува Европската Унија, но истовремено користи значителни финансиски средства од европските фондови.

„Ако и други земји влезат пред нас, тогаш немаме кого да обвиниме освен самите себе“, порача Марковиќ во „Ноќно студио“.