Skip to main content
Македонија

Марковиќ: Одливот на мозоци не запира, младите масовно ја напуштаат Македонија

17/04/2026  16:31

Професорот Ненад Марковиќ, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk, предупреди дека младите во Македонија сè повеќе се изложени на радикални пораки кои лесно го привлекуваат нивното внимание, додека умерените вредности и балансираниот јавен дискурс сè потешко стигнуваат до новите генерации.

Според Марковиќ, кај младите денес доминира чувство на разочараност, идентитетска несигурност и недоверба во системот. Тој оцени дека тоа е резултат на долгогодишни општествени турбуленции – меѓуетнички тензии, промената на името, спорот со Бугарија и постојаната политичка нестабилност.

„Младите генерации сè помалку препознаваат вредност во умерените политики, а најрадикалните пораки најбрзо допираат до нив“, истакна Ненад Марковиќ во емисијата.

Но, според него, уште поголем проблем од политичката ориентација е фактот што младите масовно ја напуштаат државата. Посочи дека ако пред дваесетина години имало над 32.000 матуранти годишно, денес таа бројка е речиси преполовена и изнесува околу 14.000.

Овие бројки, како што нагласи, јасно покажуваат колку младата популација се намалува и колку е силна желбата за иселување. Емиграцискиот потенцијал останува висок, а одливот на мозоци е процес што не може брзо да се запре.

„Ниту една влада во еден мандат не може да го реши овој проблем. Потребна е долгорочна и сериозна стратегија“, порача Марковиќ.

Тој додаде дека дебатата за младите не треба да се води само низ призма на изборни гласови, туку како клучно прашање за иднината на државата. Без млади луѓе, секоја политичка пресметка, според него, ќе стане безпредметна.