Skip to main content
Свет

И Маѓар како Филипче – удри по медиумската машинерија на Орбан

15/04/2026  16:11

По изборната победа на неговата партија Тиса во неделата, Питер Маџар утрово беше гостин во јавните унгарски медиуми, на кои не беше поканет за време на кампањата.

Маѓар првиот настап го имаше во 7:30 часот наутро на јавното радио Кошут, во терминот што вообичаено е резервиран за Виктор Орбан во петок, а потоа од 8:10 часот наутро учествуваше во емисија во живо на националната телевизија М1.

Тој, тоа го искористи да испрати порака до раководствата за негативната пропаганда што тие медиуми блиски до неодамнешната власт ја водеа против Маѓар и неговата Тиса.

„Последен пат бев тука пред повеќе од година и пол, на 26 септември 2024 година, а за повторно да влезам, ми беше потребна невидена поддршка од повеќе од 3,3 милиони луѓе. Бидејќи владејачката партија доживеа невиден пораз, некои овде се обидуваат да се преправаат дека ова е слободен медиум. Без оглед на тоа, еден од нашите први чекори по формирањето на владата ќе биде укинување на информативната служба на овој пропаганден медиум“, започна Маѓар.

Тој нагласи дека ова не е лично прашање, туку право на секој унгарски граѓанин на јавна служба што ја пренесува реалноста. Тој ја обвини МТВА дека „служи на военото лудило на владата, сеејќи страв кај децата и старите лица“ и рече дека мора да има последици.
Маѓар ја најави и потребата од нов закон за медиуми и нов совет за медиуми, тврдејќи дека во пропагандните медиуми на владата „се водеше таква пропаганда што дури и Гебелс или севернокорејскиот лидер би излижале сите десет прсти“.

Овој настап на Маѓар, коинцидира со последниот настап на лидерот на македонската опозиција Венко Филипче кога во одговор на новинарско прашање укажа на сопственичката и политичката поврзаност на македонската Алфа ТВ со унгарските центри блиски до Виктор Орбан.

„Македонија веќе со години е во медиумски мрак поради медиумите контролирани од Орбан, со кои директно управува ВМРО. Резултатот: политичка алатка на Мицкоски и ВМРО за лажни вести, измислени афери и деноноќни напади против СДСМ и мене лично. Скоро 40% од медиумите, потврдено и од независни европски истражувачки новинари, се под директна контрола на луѓето на Орбан. Преку свои блиски бизнисмени Орбан купи и контролира огромен број на медиуми кои се во служба на ВМРО и Христијан Мицкоски. И тие се пропагандна машина во Македонија за црни кампањи, за ширење лажни вести и ширење на анти-европскиот наратив.” рече Филипче вчера.

Освен што укажуваат на медиумските конекции, и Филипче и Маѓар се со став за ревизија на договорите помеѓу Македонија и Унгарија во другите области.