Skip to main content
Економија

Мицкоски: Состојбата со нафтените деривати е стабилна и непроменета

15/04/2026  15:23

Состојбата со нафтените деривати е стабилна и непроменета. Нафтените резерви се такви какви што беа пред почетокот на кризата, не е потрошен ниеден литар – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Следејќи ги цените на берзите на нафтените деривати, рече дека најверојатно цените на горивата во земјата ќе останат исти или ќе бидат намалени.  

Во однос на продуктоводот за транспорт на нафтени деривати, рече дека и во него има проток на нафта.

– Состојбата е стабилна, непроменета, конзумот е ист, не паѓа. Имаме денови со над два милиони литри кога се испорачува дизел-гориво и безоловен за нашите граѓани, но и за соседните земји. Факт број 2, имаме убедливо најниски цени на горива во регионот. Факт број 3, единствена држава во оваа регулирана недела ги намали цените на дизелот и на бензините. Факт број 4, стабилни сме како никогаш досега, Факт број 5, веќе не коленичиме да бараме милост. Така ќе продолжи оваа Влада да работи, стабилно во интерес на граѓаните – рече Мицкоски. 

За тоа дали по 20 април Владата ќе ја продолжи мерката за намалено ДДВ за нафтените деривати, Мицкоски рече дека од она што го следи, најмалку ќе останат истите цени на горивата, а можно е дополнително намалување следната недела.

– Барем утрово ги следам, тие се движат на ниво кое е 90-91 долар за барел и американскиот продукт ВТИ и продуктот „Бренд“. Ги следам во минута и очекувам да имаме намалување и в понеделник. Што се однесува до кризната состојба, на вчерашната владина седница се донесе одлука таа да се продолжи уште одреден период. Ќе имаме дополнителна седница, на која ќе донесеме мерка за сè уште да го држиме данокот на додадена вредност на 10 проценти наместо на 18 проценти, во зависност од цените на берзите така ќе бидат и акцизите. Има таму, во согласност со законот, колкави треба да бидат тие попусти – рече Мицкоски. 

Попустот со „Окта“, како што рееч, е договорен до крајот на април, а се преговара и за дизел-горивото. – Тоа е приближно 75 проценти од вкупното потрошувачко портфолио, барем уште некој дополнителен попуст да извадиме, барем уште еден денар за литар – рече Мицкоски.