
Четири компании доставиле понуди на тендерот за набавка на електрични автобуси што го распиша Министерство за транспорт и врски, со што проектот за модернизација на јавниот превоз влегува во следната фаза пишува сдк.мк.
Од Министерството информираат дека тендерската постапка е затворена, а во тек е законскиот рок за прием на евентуални понуди кои може да пристигнат по пошта. По завршување на оваа фаза, ќе следи детална анализа на пристигнатите апликации.
„После Велигденските празници ќе се врши евалуација на стигнатите понуди. Доколку тендерот биде успешен, првите 30 автобуси треба да стигнат во септември“, велат за СДК.МК од Министерство за транспорт и врски.
Според планот, од вкупно 150 електрични автобуси, дури 100 се наменети за Град Скопје, додека останатите 50 ќе бидат распределени во другите градови низ државата. Оваа распределба има за цел да го подобри јавниот превоз и да придонесе кон намалување на загадувањето.
Техничките спецификации предвидуваат автобусите да бидат во црвена или бела боја, со најмалку 33 седишта и вкупен капацитет од најмалку 66 патници. Покрај возилата, проектот опфаќа и набавка на 75 станици за полнење, со минимална моќност од 120 киловати по приклучно место.
Проценетата вредност на целиот проект, објавена преку Бирото за јавни набавки, изнесува околу 51 милион евра, што го прави еден од позначајните инфраструктурни зафати во јавниот транспорт во последните години.
Ова е втор обид на Владата за реализација на ваков проект, откако првиот тендер, распишан во јуни минатата година, пропадна. Тогаш единствената пријавена компанија не ги исполнувала потребните услови, поради што постапката беше поништена.
Со новиот тендер и зголемениот интерес од компаниите, се очекува овојпат процесот да биде успешен и да донесе конкретни резултати во насока на модернизација на јавниот превоз и воведување еколошки решенија во транспортниот систем во земјата.


