Skip to main content
Македонија

Мицкоски ја честиташе победата на Маѓар, очекува поддршка во евроинтегративниот процес

14/04/2026  14:52

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски не очекува промена во односите меѓу нашата земја и Унгарија, по тамошните неделни избори и победата на Тиса и Петер Маѓар. 

– Доколку ме прашувате дали очекувам промена на односите, не, апсолутно не очекувам, изјави денеска премиерот Мицкоски, по настанот за одбележување на Денот на Царинската управа.

Претседателот на Владата му честита на новоизбраниот унгарски премиер Петар Маѓар од кој, рече, очекува проевропски политики и бескомпромисна поддршка во евроинтегративниот процес на Македонија. Одговарајќи на новинарски прашања Мицкоски посочи дека имале исклучително блиска и непосредна соработка со претходниот претседател на Владата на Унгарија, Виктор Орбан, но оти волјата на унгарскиот народ била јасна.

– Но, волјата на граѓаните во Унгарија е јасна и недвосмислена и на тој начин господинот Петар Маѓар ја доби поддршката од унгарските граѓани. Политиките кои што тој ќе ги води очекувам да бидат проевропски, проинтегративни и очекувам бескомпромисна поддршка за интеграцијата на регионот, вклучително и нашата држава во рамките на Европската Унија, рече Мицкоски.

Специфичните политики, вклучително и прашањето со поранешниот претседател на Владата, Никола Груевски, рече дека се одлука на унгарската влада. 

Тој потсети дека екстрадиција за Груевски била побарана уште во 2018 година, а е одбиена во 2019 година од страна на унгарските власти.

– Од она со кое што сум запознаен е дека постои процедура доколку лицето има право на азил поради определени причини, рече Мицкоски и упати за повеќе детали до Министерството за правда.

Потсети на правосилната пресуда за поранешниот премиер со која што е упатен на отслужување затворска казна, а дали ќе се врати и кога ќе се врати рече дека нема такви очекувања.

– Јас немам никакви очекувања, но доколку Никола Груевски се појави во Македонија, тој има правосилна пресуда и веднаш откако ќе се појави во државата органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на отслужување затворска казна која што е согласно правосилна одлука. Нормално, секое лице има право да ги користи институциите и своите права да поднесува потоа жалби. Но, ние како Влада имаме пред нас правосилна пресуда со која што лицето е упатено на отслужување затворска казна, а дали ќе се врати и кога ќе се врати немам такви очекувања, изјави Мицкоски.

На прашање дали е загрозен кредитот што Македонија го зема од Унгарија, премиерот потенцира дека станува збор за договор и дека еднострани промени се невозможни. Договорот е со Ексим банката, не со Владата, појасни тој.  

– Јас не очекувам апсолутно никакви промени, бидејќи Договор е Договор и треба да се почитува исто како што ние почитуваме многу договори што се направени во минатото што можеби не ни се допаѓаат, но тоа е што е, таква е реалноста, рече Мицкоски.

Во однос на коментарите на СДСМ, Мицкоски рече дека сестринската партија на СДСМ направи таков резултат што не освоила пратеник во рамките на унгарскиот Парламент, а СДСМ истите тие „успеси“, вели, на политичката сцена ги имаше во минатите години, посочувајќи на поразите на сите избори во земјава од 2021, се до последните парламентарни избори.

– Инаку, „од СДСМ од светот на лагите“ најинтересно беше она што утрово го прочитав, а тоа е како се радуваат на победата на гсподинот Петер Маѓар, кој, патем речено, потекнува од партијата Фидес на Виктор Орбан, и е дел од Европската народна партија каде што е дел и ВМРО-ДПМНЕ, и трето, патем речено, сестринската партија на СДСМ направи таков резултат да не ни успеа да освои пратеник во рамките на унгарскиот Парламент. СДСМ истите тие „успеси“ на политичката сцена ги имаше во минатите години, откако доживеа два изборни порази во 2021 на локалните избори, потоа двапати беше катастрофално поразен нивниот кандидат на претседателските избори 2024, потоа беа поразени катастрофално на парламентарните избори, па сега повторно беа катастрофално поразени на локалните избори. И јас еве ви велам дека ќе бидат поразени и на следните парламентарни избори, кога и да се случат, рече Мицкоски.

Опозициската партија, вели премиерот, наместо да се посвети на сопствените редови, гледаме дека на дневна основа имаат високи членови кои се незадоволни од оваа ПР-стратегија „СДСМ во земјата на лагите“, која што СДСМ ја рефлектира секој ден. 

– Бараат реформи секој ден кои што изгледа ова раководство не може да ги направи бидејќи најверојатно има голем дел на луѓе кои се блиски на социјадемокртската идеја, но не сакаат да се приклучат на раководство за кое постојат основани сомненија дека е длабоко вовлечено во криминал и дека за дел од ова раководство постојат основани сомневања дека се уживатели на опојни дроги. Па, можеби во едно такво дејство на овие супстанци лиферуваат такви информации какви што лиферуваат, рече Мицкоски.