Skip to main content
Македонија

Тошовски: Ќе одговориме жестоко на сите обиди за дестабилизација на Македонија

29/11/2024  12:34

На денешната прес-конференција, министерот за внатрешни работи, Панче Тошовски, остро реагираше на вчерашните настани кои, според него, биле насочени против македонските граѓани и државата. Тој нагласи дека делувањето на поединечни групи кои предизвикуваат тензии е недозволено и го загрозува стабилноста на Македонија.

„МВР одговори брзо и одлучно на сите кривично-правни настани кои се случија вчера. Сакам да го пофалам одговорот на МВР на предизвиците насочени кон македонските граѓани. Полицијата ќе продолжи со постапки и во наредните денови, сè додека не се утврди сета одговорност,“ изјави Тошовски.

Во текот на вчерашната вечер, беа уапсени 8 лица. Четири лица се уапсени поради учество во тепачка, додека други 4 лица се уапсени поради основано сомнение дека сториле кривично дело кое се однесува на предизвикување национална и верска омраза, со предвидена казна затвор од 1 година. Едно од лицата е малолетник, а останатите се полнолетни. Станува збор за млади лица кои извршиле кривични дела во текот на вчерашниот ден. Тие се приведени и се наоѓаат во полициска станица и ќе бидат изнесени пред суд.

Тошковски упати и порака до сите оние кои сакаат да предизвикаат дестабилизација на државата, нагласувајќи дека на таквите обиди ќе се одговори жестоко.

„Сакам да упатам порака до сите кои имаат намера да предизвикаат дестабилизација на Македонија: ќе одговориме жестоко и сурово на било какви обиди и ќе се соочиме со сите предизвици. Полицијата реагира соодветно на сите предизвици. Времето на пајакот заврши, сите имаат име и презиме, и сите ќе одговараат“, додаде Тошковски.

Министерот исто така апелираше до јавноста, повикувајќи ги оние кои имаат информации или докази во врска со настаните од вчерашниот ден да ги достават до МВР. Дополнително, тој испрати апел на разум и зрелост до сите граѓани, со порака да не се дозволи подгревање на меѓуетнички тензии од ниту една националност во Македонија.