
Иранско-американските преговори, чија цел е завршување на војната на Блискиот Исток, започнаа во Исламабад, објави пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој одделно се сретнал со членовите на двете делегации.
„На почетокот на преговорите во Исламабад премиерот се сретна со Џ.Д. Венс“, американскиот потпретседател кој ја предводи делегацијата на својата земја, се наведува во соопштението од кабинетот на Шариф.
Пред разговорите, кои започнуваат во атмосфера на длабока недоверба и без утврден дневен ред, ниту јасен формат – директен или индиректен, премиерот се сретнал и со иранската делегација. Поздравувајќи ја подготвеноста на двете страни за конструктивен дијалог, тој изразил надеж дека разговорите ќе резултираат со траен мир во регионот.
Војната однесе илјадници животи
Конфликтот, започнат на 28 февруари со израелско-американска офанзива против Иран, досега однесе илјадници животи, претежно во Иран и Либан, а истовремено има сериозни последици врз глобалната економија.
Според иранската државна телевизија, средбата се одржува во хотелот „Серена“. Иранската новинска агенција Фарс пренесе дека Иран дополнително ќе одлучи дали преговорите ќе продолжат подоцна во текот на денот.
Во истиот хотел Џ.Д. Венс пристигнал околу пладне по локално време, кратко по слетувањето во Исламабад, кој е под силни безбедносни мерки. Тој ја предводи американската делегација, во која се и специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на Доналд Трамп.
Пакистан координира со Египет, Турција и Кина
Пакистан формирал тим експерти кои ќе придонесат во дискусиите за поморскиот сообраќај, нуклеарните прашања и други клучни теми, изјавил дипломатски извор за АФП. Средбата внимателно ја следат и други држави вклучени во дипломатските напори, меѓу кои Египет, Турција и Кина, со кои Пакистан продолжува да координира.
Иран предупредува: „Атмосфера на целосна недоверба“
Пред почетокот на средбата, двете страни испратија предупредувања. Иран пристапува кон преговорите „во атмосфера на целосна недоверба, бидејќи САД повеќепати ги прекршиле своите обврски“, изјавил во петокот иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во разговор со својот германски колега Јохан Вадефул, пренесува агенцијата Тасним.
Како што изјавил претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Галибаф, кој ја предводи делегацијата, Иран поставил два предуслови: „прекин на огнот во Либан“, каде Израел е во конфликт со Хезболах, и „одмрзнување на иранскиот имот“.
„Ако тука имаме работа со претставници на концептот ‘Израел на прво место’, тогаш договор нема да има“, напиша иранскиот прв потпретседател Мохамад Реза Ареф на платформата Икс.
Венс со порака до Иран, но отворен за дијалог
Пред пристигнувањето во Пакистан, Џ.Д. Венс испрати предупредување до Иран дека „ако се обидат да играат игри, ќе видат дека американскиот преговарачки тим нема да реагира на тоа“. Сепак, додаде дека ќе се обидат да водат „позитивни преговори“.

