Skip to main content
Скопје

Утре посебен режим на сообраќај во Скопје поради празникот Велигден

10/04/2026  10:11

По повод празникот „Воскресение Христово-Велигден” утре, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на град Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.

Утре (11.04.2025) во периодот од 18:00 часот па до завршувањето на манифестацијата по повод верскиот и државен празник „Воскресение Христово-Велигден”, во центарот на град Скопје по потреба за сообраќај ќе бидат затворени:

Бул.„Партизански Одреди” од крстосница со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосница со бул.„ВМРО”.

Бул.„Св.Климент Охридски” од крстосница со бул.„Илинден” до крстосница со ул.„Димитрие Чуповски”.

Ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ од крстосница со ул.„9-ти Мај” до кружна крстосница со ул.„Св. Кирил и Методиј”.

На возилата од јавниот градски сообраќај (автобусите) кои што минуваат преку мостот „Гоце Делчев” по потреба ќе им се менува трасата на движење при што истите ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите кои што минуваат преку центар ќе се движат по ул.„М.Т.Гологанов” па преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди” и во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.

Во општина Ѓорче Петров по потреба за сообраќај ќе се затвори ул.„Македонска Војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосница со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.

Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с. Лисиче.

По потреба за сообраќај ќе бидат затворени и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти.

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.