
Поранешниот премиер Димитар Ковачевски во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ упати серија остри критики кон актуелната власт, обвинувајќи ја за недостиг на сопствени проекти и за влошени економски резултати.
Според него, државата мора да се води како континуитет, а не како арена за меѓусебни обвинувања помеѓу владите.
Ковачевски истакна дека најголем дел од капиталните проекти со кои денес се фали власта, се всушност наследство од неговиот мандат.
„Најголемите инфраструктурни проекти, како коридорите 8 и 10д, се практично оставени со готова документација и потпишани договори, поминати во Собранието“, нагласи тој.
Тој посочи дека и реформската агенда за интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ и СЕПА е подготвена од претходните институции, во соработка со европските партнери.
Како пример за, како што рече, политичко лицемерие, Ковачевски го наведе проектот за Брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје.
„Во 2021 година беа против овој проект, а денес велат дека е најдоброто решение. За жал, поради доцнењето и инфлацијата, неговата реализација сега ќе чини многу повеќе“, истакна тој.
Поранешниот премиер алармираше и за сериозен пад на странските директни инвестиции, кој според него достигнува дури 74%, потенцирајќи дека актуелната власт не може постојано да бара оправдувања во минатото.
Во разговорот, посебен акцент беше ставен и на состојбата со животната средина, особено загадувањето во Скопје.
„Државата се гуши во ѓубре, а Скопје е редовно на врвот на светските листи по загаденост. Тоа граѓаните не го заслужуваат. Несфатливо е во 21 век да дебатираме дали горилниците во центарот на градот загадуваат“, порача Ковачевски.
Тој отвори и прашање за потребата од дислокација на тешката индустрија од главниот град, прашувајќи: „Каде во светот сте виделе цементарница во центар на главен град?“.
На забелешките зошто овие проблеми не биле решени за време на неговиот мандат, Ковачевски одговори дека секој процес бара време, работа и континуитет.
„Државата е процес кој мора постојано да се унапредува. Не може да се оди напред ако се оттурнуваат добрите проекти само затоа што се од претходната власт“, заклучи Ковачевски.
