
Мрачни економски прогнози за Македонија во услови на глобални конфликти и растечка инфлација изнесе економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според неговите анализи, дури и во најоптимистичкото сценарио, граѓаните ќе се соочат со пад на животниот стандард, проследен со забавување на економскиот раст.
Јовановиќ остро ја критикуваше долгогодишната перцепција дека Македонија е земја која може самостојно да се прехрани, оценувајќи ја како „мит и илузија“.
„Тоа дека Македонија е земјоделска земја е чиста илузија. Со децении повеќе увезуваме храна отколку што извезуваме. Веќе одамна не произведуваме доволно ниту за себе, а камоли за извоз“, истакна тој.
Анализирајќи ги ценовните шокови, Јовановиќ предупреди дека државата не успева ефикасно да го менаџира растот на цените на енергенсите. Како пример ја посочи актуелната цена на дизелот, која достигна 98 денари – над нивото од 2022 година.
Во регионален контекст, тој направи споредба со Србија, каде што растот на цените на горивата бил значително понизок, околу 10%, благодарение на поефикасни и навремени владини мерки.
Дополнително, проекциите на институцијата каде што работи укажуваат дека инфлацијата во Македонија годинава може да достигне 5%, што е значително над претходно предвидените 3%. Овој раст, според него, директно ќе ја намали куповната моќ на граѓаните.
„Кога цените растат, реалната вредност на платите и пензиите опаѓа. Луѓето трошат помалку, фирмите инвестираат помалку, и тоа ја забавува целата економија. Тоа е механизмот по кој кризата нè погодува“, објасни Јовановиќ.
Тој нагласи дека мерките како намалување на ДДВ и акцизите досега не дале значителен ефект во спречување на ценовниот раст, додавајќи дека се потребни поагресивни и директни политики.
„Македонската влада речиси ништо не презема за да го лимитира овој шок. Потребни се директни мерки за поддршка на растот на платите и пензиите. Во спротивно, Македонија ќе биде погодена многу повеќе од другите земји во регионот“, предупреди тој.
Според заклучокот на Јовановиќ, Македонија во моментов се наоѓа некаде во просекот на Источна Европа – ниту во катастрофална состојба, ниту во стабилна позиција, но со сериозни ризици кои директно го загрозуваат животниот стандард на граѓаните.


