Skip to main content
Економија, Македонија

Ковачевски: Владата продава ПР – реалноста е поинаква

10/04/2026  00:26

Поранешниот премиер Димитар Ковачевски вечерва во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ упати остри критики кон актуелната власт, обвинувајќи ја дека преку политички ПР ја прикрива реалната економска состојба во државата.

Според Ковачевски, наративот дека Македонија е регионален лидер кој им помага на соседите не се темели на факти, туку претставува обид за создавање погрешна перцепција кај јавноста.

„Ние ништо немаме добиено бесплатно. Сето жито што се увезуваше од Србија беше платено. Србија само ја крена забраната за извоз, исто како што и ние ја укинавме забраната за масло за да може Албанија да купува од нас“, истакна тој.

Говорејќи за честите тврдења дека државата им помага на соседите преку пониски цени на горивата, Ковачевски нагласи дека станува збор за чист економски интерес, а не за хуманитарен чин.

Тој објасни дека секое точење гориво од странски државјани носи девизни средства во земјата, што директно влијае врз стабилноста на економијата.

„Мораме да разграничиме ПР од економска суштина. Странците кои точат гориво кај нас ни помагаат да обезбедиме девизен прилив. Тоа не е помош кон нив, туку механизам за одржување на економската рамнотежа“, дециден е Ковачевски.

Дополнително, поранешниот премиер предупреди на сериозен пад на странските директни инвестиции и намалување на девизните дознаки од дијаспората, што, според него, создава дополнителен притисок врз македонската економија.

Иако посочи дека девизните резерви се стабилни, а банкарскиот сектор добро капитализиран како резултат на претходните економски политики, Ковачевски оцени дека трендот на намалени инвестиции е загрижувачки сигнал.

„На почетокот на 2026 година имаме неколкукратно намалени инвестиции. Тоа е сериозен индикатор дека економијата се соочува со нови предизвици“, порача Ковачевски.