Skip to main content
Македонија

Димовски: Растот на капиталните инвестиции е поголем во 2025, вратите на ТИРЗ се отворени и за домашните компании

09/04/2026  21:13

Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, направи детална демистификација на бројките поврзани со странските директни инвестиции (СДИ) и најави нов инвестициски бран кој ќе донесе високоплатени работни места.

Димовски појасни дека според меѓународната методологија (Balance of Payment, издание 6), приливот на инвестиции се состои од две клучни варијабли: сопственички капитал (со реинвестирана добивка) и должнички инструменти (позајмици меѓу мајката-фирма и фирмата-ќерка), објави 4news.mk

Според податоците што ги презентираше директорот:

Сопственичкиот капитал во првата половина од 2025 година изнесува 430 милиони евра, што е значителен пораст во споредба со истиот период во 2024 година, кога изнесувал 400 милиони евра.
Разликата во вкупната бројка на СДИ се должи на должничките инструменти, односно фактот што во 2025 година компаниите-ќерки во Македонија вратиле над 200 милиони евра кон своите матични фирми во странство (враќање аванси и позајмици), додека лани таа ставка била во позитива.

„Ако го гледаме чистиот капитал и добивката, 2025 година е многу подобра од 2024“, дециден е Димовски.

Директорот ја скрши и предрасудата дека зоните се резервирани само за странци. Тој нагласи дека секоја македонска компанија која е извозно ориентирана и ги исполнува законските услови може да инвестира во ТИРЗ.

„Веќе преговарам со неколку македонски компании кои имаат 100% домашен капитал. Законот е ист за сите – ако произведувате и извезувате, вратите на зоните се отворени“, изјави Димовски, додавајќи дека и компаниите надвор од зоните имаат пристап до сериозна државна помош до 50% од инвестицијата преку соодветните закони.

Димовски упати критика до претходното раководство дека од 2017 до 2024 година не била донесена нова стратегија за привлекување инвестиции, по завршувањето на првичниот концепт од 2006 година. Тој најави дека моментално се изработува Стратегија 2037.

Како потврда за атрактивноста на земјата, тој откри ексклузивни информации за нови инвестиции:

Американска компанија: Голема инвестиција во секторот на високата технологија која ќе донесе високоплатени позиции.
Германски и турски капитал: Веќе се потврдени 3 до 4 нови инвестиции, а се преговара со дополнителни 17 до 20 потенцијални инвеститори.
„Целта на новата Влада е квалитет, а не само квантитет. Сакаме високотехнолошко производство кое ќе ги задржи младите тука со европски плати“, заклучи Димовски.