
Јавноста во Северна Македонија испраќа јасна и силна порака: потребни се итни мерки за заштита на децата од штетните ефекти на социјалните медиуми. Според резултатите од анкетата дури 76% од испитаниците ги поддржуваат двете највисоки категории на поддршка за забрана на пристап до социјални медиуми за деца под 12 години и регулација на пристапот за малолетници, додека 58% целосно ја поддржуваат оваа мерка. Просечната оценка на поддршка изнесува 4,3 од 5, што укажува на широк општествен консензус дека институциите не смеат повеќе да чекаат.
Овие наоди силно ги подржуваат барањата на граѓанската иницијатива „За безбедно детство” чија петицијата„ЗАШТИТА НА ДЕЦАТА ДО 16 ГОДИНИ – ЗАБРАНА И РЕГУЛАЦИЈА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ВО МАКЕДОНИЈА„ досега ја подржаа речиси 3000 граѓани. Во неа јасно бараме заштита на децата до 16 години преку забрана и регулација на употребата на социјалните мрежи, во која се бараат јасни законски и институционални мерки: возрасна верификација, засилена родителска контрола, ограничување на алгоритамско таргетирање кон деца, посебна заштита на личните податоци на малолетници, санкции за платформите и национална програма за дигитална писменост.
Анкетата покажува дека поддршката е висока кај различни демографски групи. Таа е особено изразена кај повозрасните испитаници (околу 80% над 40 години), но останува силна и кај помладите возрасни категории (69% од оние 18-29 години) подржуваат регулација. Поддршката е висока и кај урбаното и кај руралното население, што покажува дека прашањето не е маргинално, туку станува збор за тема што ги засега семејствата, училиштата и целото општество.
Пораката од анкетата е недвосмислена: граѓаните очекуваат институциите да ја стават безбедноста, приватноста и здравиот развој на децата пред интересите на платформите и нивните алгоритми. Наместо доцнење и префрлање на одговорноста исклучиво врз родителите, потребен е сеопфатен национален пристап што ќе ги обедини Собранието, Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за заштита на личните податоци, Агенцијата за електронски комуникации, училиштата и родителите.
Затоа бараме:
· донесување законски измени за ограничување и регулирање на пристапот до социјални медиуми за деца и малолетници;
· воведување сигурна и приватносно-заштитена возрасна верификација;
обврска платформите да понудат посебни, засилени безбедносни стандарди за малолетни корисници;
· јасни механизми за брзо отстранување на штетна содржина и санкции за непочитување;
како и национална програма за дигитална писменост, родителска поддршка и ментална хигиена во училиштата.
Ова не е повик против технологијата. Ова е повик за одговорност, заштита и правила. Детството не смее да биде препуштено на алгоритми дизајнирани да го задржат вниманието по секоја цена. Македонија има шанса да покаже дека заедно со дигитализацијата на општеството знае да реагира навреме, разумно и во најдобар интерес на неговата иднина – децата.
Ги повикуваме сите родители, наставници, стручни лица, организации и граѓани и политичката јавност да ја поддржат оваа иницијатива и да побараат итно институционално постапување.
Граѓанска иницијатива ЗА БЕЗБЕДНО ДЕТСТВО


