
Фондацијата „Фросина Кулакова“, во соработка со Моден институт „Изет Цури“, објавува отворен конкурс за доделување на стипендија за студии по моден дизајн „Фросина Кулакова“, наменета за млади и талентирани кандидати од Република Македонија кои имаат интерес и потенцијал да се развиваат во областа на модата. Од Фондацијата велат дека стипендијата обезбедува целосно финансирање на студиите, како и можност за вклучување во активности на Фондацијата, во зависност од потребите и можностите, со што на избраниот кандидат му се овозможува дополнителна практична експозиција и поддршка во професионалниот развој.
Право на аплицирање имаат кандидати со завршено средно образование, државјани на Република Македонија, кои покажуваат јасен интерес и афинитет кон модниот дизајн. Како дел од апликацијата, кандидатите треба да достават моден проект во форма на мини колекција, кој вклучува мудборд со инспирација, колорна и текстилна карта, технички цртежи со преден и заден изглед, како и шест комплетни изгледи претставени преку избоени модни илустрации. Сите визуелни материјали се доставуваат во еден PDF документ, при што насловната страница треба да содржи име и презиме, назив на колекцијата, избрана сезона (есен/зима или пролет/лето) и година.
Кандидатите се должни да достават и објаснување на концептот во должина до 30 редови, биографија (CV) и мотивациско писмо, во Word формат. Пристигнатите апликации ќе бидат разгледувани од стручна комисија која ќе ги оценува креативноста и оригиналноста, јасноста на концептот, визуелната конзистентност и потенцијалот за понатамошен развој на кандидатите.
Сите материјали се доставуваат електронски на адресата fondacijafrosinakulakova@gmail.com, со назнака „Апликација за стипендија Фросина Кулакова 2026“. Конкурсот е објавен на 1 април 2026 година, а крајниот рок за пријавување е 10 јуни 2026 година до 23:59 часот. Процесот на евалуација ќе се одвива во периодот од 11 до 20 јуни 2026 година, додека објавата на добитникот е предвидена за 25 јуни 2026 година.

