Skip to main content
Свет

Либан тврди дека десетици луѓе загинале во денешните израелски напади

08/04/2026  17:52

Во денешните израелски напади врз Либан загинаа неколку десетици луѓе, а неколку стотици се повредени, соопшти либанското Министерство за здравство.

Во соопштението се наведува дека тоа било најинтензивно израелско бомбардирање на Либан од почетокот на војната.

Израелската армија соопшти дека го извршила „најголемиот координиран напад“ врз Хезболах од почетокот на март. За десет минути биле погодени над 100 мети на Хезболах во Бејрут, во јужен Либан и во источната долина Бека.

Армијата на Израел тврди дека цел на нападите биле ракетните системи, командните центри и разузнавачката инфраструктура и го обвини Хезболах дека се крие зад цивилите.

– Државата Либан и нејзините цивили мора да се спротивстават на зацврстувањето на Хезболах во цивилните области, се наведува во соопштението на израелската армија.

Нападите уследија само неколку часа по постигнатото двонеделно примирје помеѓу САД и Иран. Израел тврди дека договорот не се однесува на војната со Хезболах, иако Пакистан претходно соопшти дека примирјето треба да важи и за Израел и либанската милитантна група.