Skip to main content
Македонија

Трајчулески: СДСМ со закон предлага намалување на патарините за 50%

08/04/2026  15:13

Пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница на кој на дневен ред е Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта, поднесен од пратеничката група на СДСМ и коалцијата, посочи дека со овој предлог се предлага намалување на цените на патарините за околу 50%.

Трајчулески потенцираше дека цените на патарините се дополнителен удар врз граѓаните и компаниите во оваа криза,  бидејќи патарините играат сериозна улога во креирање на финалните цени кои граѓаните ги плаќаат за нашите производи во рамки на маркетите,  и кои компаниите ги плаќаат при набавка на репроматеријали.


Во продолжение е интегралното обраќање на Трајчулески:


„Денеска на собраниска седница е Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за јавни патишта. Со овој предлог на закон, предлагаме патарините во нашата држава да бидат уредувани, односно цената на патарините да биде уредувана со закон, а не како досега со одлука на влада и преку предлогот кој го доставуваме пред вас пред пратениците во скратена постапка предлагаме намалување на цените на патарините за околу 50%.


Зошто овој предлог го даваме токму сега? Затоа што прво патарината како трошок не претставува мал и маргинален трошок. Таа е дел од мобилноста на нашите граѓани. Таа е дел од снабдувањето, од логистиката и од сите оние синџири на снабдување и како таква игра сериозна улога во креирање на финалните цени кои граѓаните ги плаќаат за нашите производи во рамки на маркетите, во рамки на аптеките, и  кои компаниите ги плаќаат при набавка на репроматеријали.


Имајќи предвид дека нашата држава е увозно зависна по однос на најважните и најосновните наши потреби, тука зборуваме увозно зависна во делот на храната, на лековите, на репроматеријалите, транспортот како таков игра сериозна улога во креирање односно создавање на финалната цена на производите. Оттука намалувањето и ограничувањето на транспортните трошоци директно ќе се рефлектира на намалување на цените во маркетите, на намалување на цените на лековите, но исто така и на репроматеријалите кои треба да стигнат до нашите фабрики кои потоа треба да ги преработат во финален производ.


Оттука самиот начин на на регулирање односно на намалување на цените на патарините, заедно со пакетот на закони кој го предлагаме денеска во однос на намалување на акцизата, на данокот на додадена вредност како пакет претставува сериозна поддршка за целокупниот транспорт во државата, меѓутоа на тој начин сериозна поддршка за нашите граѓани и заштита на животниот стандард. Затоа што, на крајот на денот цената на патарините не ја плаќа превозникот, односно транспортерот, цената ја плаќаат граѓаните кога ќе одат на каса и ќе платат за а намирниците, за продуктите кои ги купиле, кога ќе одат во аптека и ги платат лековите, а исто така нашите компании кога ќе ги набавуваат сопствените репроматеријали.


Јас очекувам дека ние како избрани од граѓаните, како најповикани, најодговорни да работиме во нивен интерес, да работиме на заштита на нивниот стандард, да работиме во насока на луѓето што помалку да го осетат притисокот од овие глобални предизвици со кои се соочуваме ние, како и целиот свет, и очекувам дека сите заедно денес ќе дадеме поддршка на ова законско решение. На крајот на денот, ако за многу работи не можеме да се договориме, ако за многу работи не можеме да да се обединиме и да дадеме поддршка, можеби денес е моментот по однос на сите овие законски решенија да дадеме поддршка и на тој начин да покажеме дека знаеме која ни е одговорноста и дека знаеме да водиме грижа за нашите граѓани, за нашите компании, за нашата економија”.