
Злоупотребите во системот за боледувања се сериозен проблем, а контролните механизми покажуваат загрижувачки резултати, истакна директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.
Тој информираше дека во соработка со Министерството за внатрешни работи биле спроведени контроли, при што било утврдено дека кај значителен дел од боледувањата не се почитувале процедурите.
„Кај секое петто боледување имаше неправилности“, изјави Клековски.
Според него, фондот нема целосен увид во вкупното влијание на боледувањата, особено затоа што краткорочните отсуства ги покриваат работодавачите, додека фондот финансира само боледувања подолги од 30 дена.
Клековски посочи дека во мала средина како Македонија често постои притисок врз лекарите да „излезат во пресрет“, но нагласи дека со зголемувањето на капитацијата за матичните лекари за 30 проценти се очекува и поголема одговорност.
„Го зголемивме финансирањето, но очекуваме и строго почитување на правилата. Боледувањата, како и препишувањето антибиотици и анксиолитици, се категории каде што има сериозни казни ако не се следат процедурите“, потенцираше тој.
Како најчеста злоупотреба, Клековски ги посочи т.н. „цик-цак“ боледувања – случаи кога вработени земаат кратко боледување, се враќаат на работа само еден ден за да избегнат контрола, а потоа повторно отвораат ново боледување по друга основа.
Дополнително, тој нагласи дека најголеми злоупотреби се забележуваат токму во униформните сектори.
„Најмногу злоупотреби има во МВР, одбраната, царината и здравството. Имаме и здравствена установа каде што дури 20 проценти од вработените се на боледување“, изјави Клековски.
Тој додаде дека проблемот е присутен и во приватниот сектор, каде во одредени компании значителен дел од вработените користат боледување.
„Целта е да се сузбијат лажните боледувања, за да има доволно средства за оние кои навистина се болни“, нагласи Клековски.
Клековски објасни дека најголемиот товар за кратките боледувања го носат работодавачите, додека фондот ги покрива подолгите отсуства, каде контролите се построги.
„Најголемите злоупотреби се токму кај кратките, прекинати боледувања. Затоа мора да се засили контролата, бидејќи тие директно влијаат врз продуктивноста и функционирањето на системот“, порача Клековски.

