Skip to main content
Свет

Италијанскиот министер за одбрана: Светот полуде

07/04/2026  22:05

Италијанскиот министер за одбрана, Гвидо Кросето, во вторникот предупреди на ризикот конфликтот со Иран да стане нуклеарен.

„Се чини дека светот полудел“, изјави Кросето пред парламентот, повторувајќи ги забелешките од претходното интервју за „Кориере дела Сера“ во кое предупреди дека „она што е веќе трагично може да стане уште полошо“.

Неговите коментари доаѓаат во услови на сè поостри закани од американскиот претседател Доналд Трамп против Иран, кој САД и Израел го напаѓаат од крајот на февруари.

„Помислете на луѓе како нас кои одлучуваат дека дури и Хирошима и Нагасаки се прифатливи за да се стави крај на конфликтот“, изјави Кросето за „Кориере“, додавајќи дека „сè уште имаме нуклеарно оружје, а оние кои го немаат, го бараат. Не научивме ништо“.

„Не сакам ни да го кажам зборот. Ризикот е лудило“

Кога го прашаа дали верува дека постои вистинска нуклеарна закана, тој рече: „Не сакам ни да го кажам зборот. Ризикот е лудило, а она што го доживуваме е конфликт во кој секоја акција бара одговор на повисоко ниво“.

Иако во американско-израелската воена кампања беа убиени голем број ирански лидери и сериозно намалени ракетните капацитети на земјата, режимот во Техеран останува на власт. Затворањето на Ормутскиот теснец од страна на Иран предизвикува економски хаос низ целиот свет и го зголемува притисокот врз Трамп да ја заврши војната.

Во објава на социјалните мрежи во вторник, откако беше објавено интервјуто со Кросета, Трамп за Иран рече: „Целата цивилизација ќе умре вечерва и никогаш нема да се врати“.

Службеник на Светската здравствена организација во март изјави дека организацијата се подготвува за нуклеарна катастрофа доколку војната продолжи да ескалира. Една од наведените цели на војната беше да се спречи Иран да стекне нуклеарно оружје. Таа цел е постигната, според повеќе американски и израелски извори.

Соединетите Американски Држави и Израел поседуваат нуклеарно оружје, иако израелските лидери одбиваат да го потврдат или негираат неговото постоење.

Соединетите Американски Држави се единствената земја што користела нуклеарно оружје, бомбардирајќи ги јапонските градови Хирошима и Нагасаки во 1945 година за време на Втората светска војна. Повеќе од 100.000 луѓе загинаа како резултат на тие бомбардирања, дури и според најконзервативните проценки.