Skip to main content
Македонија

Клековски: 60% од смртноста во Македонија е од кардиоваскуларни болести

07/04/2026  21:24

Покрај обезбедувањето на основните лекови, здравствениот систем во Македонија мора да направи исчекор кон поголемо вложување во современи терапии, особено за хроничните заболувања, истакна директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV

Тој посочи дека преку позитивната листа веќе се покриваат есенцијални лекови, но дека идниот фокус треба да биде насочен кон терапии кои спречуваат или одложуваат компликации кај пациентите.

„Не е доволно само да лекуваме – мора да спречуваме влошување на состојбите и да го подобриме квалитетот на живот“, нагласи Клековски.

Според него, во земјава годишно се издаваат над 25 милиони рецепти, со вкупна вредност од околу 55 милиони евра, што ја покажува големината на системот, но и потребата од негово унапредување.

Во споредба со земјите од регионот, како Србија, каде се издвојуваат значително повеќе средства за позитивната листа, Клековски оцени дека постои простор за дополнителни инвестиции и подобрување на достапноста на лекови.

Тој информираше дека во изминатиот период на позитивната листа се додадени 13 нови лекови, при што системот кај нас претежно се базира на генерички терапии, за разлика од други земји каде листите се врзани за конкретни брендови.

Како еден од најголемите приоритети, Клековски ги посочи кардиоваскуларните заболувања, кои учествуваат со околу 60 проценти во вкупната смртност во Македонија. Според него, постојат современи терапии кои можат значително да го намалат ризикот од срцев и мозочен удар, но нивната примена треба да се прошири.

Во делот на онколошките третмани, направени се и конкретни олеснувања – дел од терапиите, наместо исклучиво во болнички услови, сега се достапни и преку аптеките, со што се намалува притисокот врз пациентите и здравствените установи.

Клековски нагласи дека воведувањето на поскапи и современи лекови мора да оди паралелно со построга контрола на нивното препишување.

„Мора да обезбедиме пристап до поквалитетни терапии, но и да воспоставиме ефикасен систем на контрола“, изјави тој, додавајќи дека реформите на позитивната листа ќе продолжат и во наредниот период.