Skip to main content
Македонија

Клековски: Над 24 милиони рецепти годишно, 55 милиони евра за лекови дава ФЗО

07/04/2026  20:57

Во Македонија месечно се издаваат повеќе од два милиони рецепти, што на годишно ниво надминува 24 милиони, со вкупна вредност од околу 55 милиони евра. Ова го истакна директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.

Клековски посочи дека актуелниот систем, кој во голема мера се потпира на хартиени рецепти, создава сериозни предизвици и за продуктивноста и за контролата. Според него, Фондот има законска обврска да проверува најмалку три проценти од сите рецепти, процес кој го спроведуваат фармацевти и кој значително го оптоварува системот.

„Тоа е практично невозможна мисија – и од аспект на продуктивност и од аспект на контрола“, изјави Клековски.

Како клучно решение, тој ја посочи дигитализацијата на процесот, односно воведувањето на електронски рецепти. Иако системот веќе постои, неговата целосна примена сè уште зависи од усогласување на законската регулатива.

Со новиот модел, матичните лекари ќе вршат дигитална проверка пред издавање на рецепт, кој потоа ќе биде достапен во аптеките и ќе се верификува со електронски потпис. Ова, според Клековски, ќе ја намали потребата од физичко архивирање, ќе ја зголеми ефикасноста и ќе го намали ризикот од злоупотреби.

Тој посочи дека вакви системи веќе даваат резултати во регионот, наведувајќи го примерот со Србија, каде воведувањето на електронски рецепти довело до намалување на потрошувачката на лекови за околу 10 проценти.

„Дигитализацијата носи придобивки за сите – граѓаните добиваат побрзи услуги, здравствените установи работат поефикасно, а фондот има подобра контрола и продуктивност“, нагласи Клековски.

Тој додаде дека слични дигитални решенија може да се применат и во други сегменти на здравството, како што се упатите, лабораториските услуги и боледувањата, со што би се модернизирал целиот систем.