Skip to main content
Македонија

Клековски: Со 35 евра месечно не може европско здравство

07/04/2026  20:45

Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV зборуваше за состојбите во здравствениот систем, нивото на финансирање и клучните предизвици со кои се соочува здравството во земјава.

Тој појасни дека често споменуваните месечни издвојувања од околу 3000 денари се однесуваат на носителите на осигурување, но ако се пресметаат сите осигурени лица, просечниот износ паѓа на околу 2000 денари, односно приближно 35 евра месечно. На годишно ниво, тоа значи околу 600 евра по носител, односно околу 420 евра по осигуреник.

Според Клековски, здравството учествува со околу 13 проценти во јавните финансии, што, како што оцени, е соодветно на економскиот развој на државата. Сепак, тој потенцираше дека овие средства не се доволни за да ги задоволат сè поголемите очекувања на граѓаните.

„Граѓаните повеќе не се задоволуваат со просечни услуги, туку очекуваат квалитет на ниво на европските и светските стандарди“, изјави Клековски, додавајќи дека главниот предизвик е како со ограничени ресурси да се обезбеди највисоко можно ниво на здравствена заштита.

Тој истакна дека македонскиот здравствен систем функционира како хибриден модел, во кој значаен дел од услугите ги обезбедуваат приватни здравствени установи со договор со Фондот. Примарното здравство – матичните лекари, гинеколозите и стоматолозите – во најголем дел е во приватниот сектор, додека дел од специјалистичките и лабораториските услуги исто така се реализираат преку приватни капацитети.

Иако најголемиот дел од средствата се насочуваат кон јавното здравство, Клековски нагласи дека во услови на недостиг, Фондот користи и услуги од приватниот сектор со цел да се обезбеди континуирана здравствена заштита за граѓаните.

На крајот, тој оцени дека, и покрај стагнацијата во изминатата деценија, постојниот систем претставува солидна основа врз која може да се градат идни реформи и подобрувања во здравството.