Skip to main content
Македонија

Се подготвува нова стратегија за борба против родово и семејно насилство

07/04/2026  16:30

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите одржа јавна расправа посветена на Нацрт-националната стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жени и семејно насилство за периодот 2026 – 2033 година. Основната цел на документот е намалување на родовите нееднаквости и унапредување на системот за заштита и превенција.

Претседателката на Комисијата, Жаклина Пешевска, ја отвори расправата и истакна дека насилството е прашање што ги засега сите граѓани, нагласувајќи дека институциите мора да обезбедат еднаков и правичен третман.

„Нема компромис кога станува збор за насилството“, порача Пешевска, повикувајќи на активно учество во креирањето на решенијата.

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, ја презентираше стратегијата, посочувајќи дека таа се темели на меѓународните стандарди и досегашните искуства од спроведувањето на претходните акциски планови. Тој нагласи дека насилството врз жените претставува сериозно кршење на човековите права и дека државата ќе продолжи со засилени мерки за негово сузбивање.

Во рамки на расправата беше претставена содржината, целите и методологијата на стратегијата, по што следеше отворена дебата со предлози и мислења за нејзино дополнително унапредување. Целта е да се изгради поефикасен систем кој ќе обезбеди навремена заштита и поддршка за жртвите, како и поефективна превенција на насилството.