
По спроведена темелна истражна постапка, јавен обвинител од ОЈО ГОКК до Основниот кривичен суд Скопје достави Обвинителен акт против 10 лица и Обвинителен предлог против уште 11 физички и 4 правни лица.
Со Обвинителниот акт сите десет лица се обвинети за сторено кривично дело Злосторничко здружување, на тројцата организатори им се ставаат на товар дека сториле продолжено кривично дело Даночно затајување и кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело. Останатите според стореното се обвинети за Даночна измама, Фалсификување исправа и Перење пари и други приноси од казниво дело.
Според обвинението, во текот на 2023 година била создадена група што имала за цел вршење на кривични дела Даночно затајување, Даночна измама, Перење пари и други приноси и Злоупотреба на службена положба и овластување. Организатори на групата биле првообвинетиот – српски државјанин и сопственик и управител на две обвинети правни лица и двајца службеници од Регионална дирекција на УЈП – Скопје. Во периодот од 2023 до 2025 година на групата се приклучиле и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и Гевгелија.
Првообвинетиот, со намера да одбегне целосно или делумно плаќање данок како давачка на која бил законски обврзан, во годишните даночни биланси доставени до Управата за јавни приходи, дал лажни податоци за своите приходи и за приходите на правните лица. Двајцата службеници вработени во УЈП, давајќи му совети и упатства и отстранувајќи ги пречките за извршувањето, со умисла му помогнале во извршување на кривичното дело Даночно затајување. На тој начин во име и за сметка на кривично одговорните правни лица, првообвинетиот не пресметал и не платил данок од значителна вредност во вкупен износ од 16 782 519 денари.
Останатите осомничени сопственици и управители на правни лица со цел неосновано да побараат враќање на данок во име и за сметка на нерезидентни прави лица што немаат седиште во РСМ, но плаќаат ДДВ за услуги остварени во земјата, го довеле во заблуда даночниот орган давајќи лажни податоци во поднесените даночни пријави, за враќање на данокот на додадена вредност во име и за сметка на правните лица со што го оштетиле буџетот во износ од 33 620 551 денари.
Дополнително, во истиот период, дел од обвинетите со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на парични средства во вкупен износ денари 401 227 898 денари.
Со Обвинителниот предлог се опфатени службени лица од Одделение за регистрација и утврдување на даноци при УЈП – Регионална дирекција Скопје. Обвинетите со умисла извршиле две или повеќе временски поврзани дејствија и со намера да прибават за друг значителна имотна корист или на друг да му нанесат значителна имотна штета, искористиле исти прилики и не ја извршиле својата службена положба и овластување. Со своите дејствија по поднесени барања за враќање на ДДВ преку полномошниците – обвинетите правни лица прибавиле имотна корист во вкупен износ од 349 652 595 денари и за истиот износ нанеле штета на Буџетот на РСМ. Десет лица се обвинети дека ја злоупотребиле својата службена положба и овластување, додека едно лице дека сторило кривично дело Фалсификување исправа.
Обвинителството, ценејќи дека не се изменети околностите врз основа на кои на седуммина обвинети им е определена мерка притвор, до судот достави и предлог за продолжување на мерката. Дополнително ОЈО ГОКК достави предлог за конфискување на движен и недвижен имот од осомничените во висина на предизвиканата штета на буџетот, како и одземање на предмети употребани за извршување на кривично дело. Во текот на постапката преку меѓународна правна помош е замрзнат имот и сметки на првоосомничениот, па согласно меѓународното право конфискацијата по завршување на постапката ќе се бара од српските власти.
