Skip to main content
Македонија

Д-р Беќаровски: Исполнете им ги барањата, студентите се секогаш во право

07/04/2026  09:06

Д-р Нико Беќаровски преку објава на социјалните мрежи реагираше на вчерашните студентски протести поврзани со барањата за измени во полагањето на правосудниот испит, изразувајќи поддршка за студентите, но и испраќајќи порака за начинот на кој се манифестира протестот.

„Студентите се секогаш во право“, напиша Беќаровски, нагласувајќи дека како професор секогаш ќе застане зад идните академски граѓани.

Сепак, тој се осврна и на симболиката која била присутна на протестите, посочувајќи дека дел од студентите кои студираат на македонските факултети, финансирани од државниот буџет, протестирале со развеани американски и албански знамиња, барајќи промени во правилата за полагање на правосудниот испит.

Беќаровски потенцира дека барањата на студентите треба да бидат разгледани од надлежните институции, но истовремено посочи дека нивните пораки се читаат и преку начинот на кој тие се изразуваат.

„Како професор морам секогаш да ги поддржам нашите идни академски граѓани и да апелирам до надлежните да се исполнат нивните желби кои беа јасно манифестирани со развеаните знамиња и да се применат сите норми, вклучувајќи ги и јазичните, по кои полагаат дипломираните правници во САД и Албанија“, наведува тој.

Во својата објава, Беќаровски прави и споредба со други држави, посочувајќи дека во Соединетите Американски Држави значителен дел од населението има друг мајчин јазик.

„На повеќе од 65 милиони американски државјани мајчин јазик им е шпанскиот, вклучувајќи го и Марко Рубио“, пишува тој.

На крајот, Беќаровски испрати и порака за значењето на официјалниот јазик во една држава, потенцирајќи дека тој претставува средство за меѓусебна комуникација и обединување на граѓаните, без оглед на нивното етничко потекло.