
Народната банка организира работилница за државните институции за практичните аспекти при вршење плаќања во евра во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Целта на работилницата е запознавање на државните институции на кои Народната банка им дава платежни услуги со конкретните придобивки од членството на земјата во СЕПА, како и со новите услови и начинот на извршување на прекуграничните плаќања во евра. Ова е прва ваква работилница наменета за државата и државните органи, на која присуствуваа вработени од околу 60 институции кои се вклучени директно во извршувањето одливни и приливни плаќања со странство.
Работилницата е дел од активностите на Народната банка за појаснување на можностите за подобро искористување на придобивките по оперативното приклучување на Народната банка кон СЕПА, во компаративен контекст со извршувањето на плаќањата преку кореспондентното банкарство. Во текот на дискусијата се истакна дека СЕПА овозможува побрзи, поевтини и потранспарентни плаќања во евра, со предвидливи трошоци и поедноставени процедури. Имено, со плаќањата преку СЕПА, државните институции имаат значително пониски надоместоци за одливните плаќања и намалени надоместоци за приливите во споредба со кореспондентното банкарство. Ова носи значителна заштеда за државните институции коишто редовно вршат плаќање во четириесетте земји од СЕПА, особено кај плаќањата на поголеми износи.
Народната банка и понатаму ќе биде посветена на унапредување на платежните услуги коишто ги дава за државните институции.

