Skip to main content
Македонија

Во Вашингтон денеска Стратешки дијалог Македонија – САД

07/04/2026  08:27

По пауза од четири години, во Вашингтон денеска ќе се одржи втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД.

Високата владина делегација ја предводена министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, а ќе учествуваат и министрите за внатрешни работи Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и министерката за енергетика Сања Божиновска. 

-Стратешкиот дијалог претставува значајна платформа за продлабочување на билатералната соработка и унапредување на партнерството со САД, со фокус на клучни области од заемен интерес, вклучително одбраната и безбедноста, сајбер-безбедноста и технолошката соработка, економијата, трговијата и енергетиката, како и заедничката борба против транснационалните закани и зајакнувањето на граничната безбедност, стои во соопштението на МНРиНТ.

Оттаму наведуваат дека со одржувањето на втората сесија од Стратешкиот дијалог се потврдува континуитетот на сојузништвото меѓу двете земји и заедничката посветеност кон унапредување на стабилноста, безбедноста и просперитетот во регионот и пошироко.

Муцунски неодамна во интервју посочи дека ќе бидеме прва земја во Европа која во рамки на оваа администрација ќе има сесија на стратешки дијалог во Вашингтон. Изрази очекување дека Стратешкиот дијалог ќе отвори сериозни дискусии во областа на одбраната и безбедноста, трговската и економската соработка, како и дека ќе донесе конкретни бенефити за граѓаните.