Skip to main content
Свет

Мисијата „Artemis II“ се подготвува да го сруши рекордот на Apollo 13 стар повеќе од 50 години

06/04/2026  20:21

Мисијата Artemis II на NASA се подготвува да испише историја со обид да го постави новиот рекорд за најдалечно патување на луѓе од Земјата, надминувајќи растојание од 430.000 километри.

Со тоа би бил надминат досегашниот рекорд од околу 400, 000 километри, поставен во 1970 година од екипажот на Apollo 13, мисија позната како „успешен неуспех“. Тогаш, по експлозија на резервоар со кислород, астронаутите биле принудени да се вратат на Земјата, но токму при таа итна маневрација ја достигнале рекордната оддалеченост.

Иако екипажот на Artemis II нема да слета на Месечината, нивната мисија има клучна улога во подготовките за идни човечки мисии. Четворица астронаути ќе летаат зад темната страна на Месечината – дел кој никогаш не е видлив од Земјата – и ќе се оддалечат повеќе од 10.000 километри зад неа.

Во текот на летот, тие ќе вршат научни истражувања, ќе ја анализираат геологијата на Месечината и ќе ги испитуваат ефектите од вселенските патувања врз човечкото тело и психа, со цел подобра подготовка за идни мисии, вклучително и потенцијални патувања кон Марс.

За време на преминот зад Месечината, комуникацијата со Земјата ќе биде прекината околу 40 минути, период во кој астронаутите ќе бидат целосно изолирани.

Доколку мисијата биде успешна, NASA планира во наредните мисии од програмата Artemis да реализира и ново слетување на Месечината, кое се очекува околу 2028 година – повеќе од пет децении по последната човечка посета со Apollo 17.