
Министерството за правда денеска излезе со остра реакција по студентскиот марш во Скопје, на кој беше побарано спроведување на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит. Од министерството велат дека го почитуваат правото на протест, но сметаат дека се работи за инструментализација на студентите од страна на опозицијата.
Според надлежните, особено загрижува улогата на одредена опозициска партија која користи чувствителни прашања за краткорочни цели.
„Ваквите постапки отвораат сомнежи за обид за јавна манипулација и инструментализација преку поттикнување на чувствителни прашања и очигледно користење на етничка реторика за остварување на краткорочни политички цели. Во тој контекст евидентно е и отсуството на користење на државни обележја на денешниот протест што дополнително упатува на демократскиот капацитет на организаторите и нивниот однос кон државата и уставниот поредок“, се вели во реакцијата на МП.
Во однос на главните барања, од министерството се децидни дека правосудниот испит се спроведува според законот и дека тој не претставува управна постапка, туку механизам за квалитет. Тие порачаа дека нема да дозволат злоупотреба на Уставот за политички влијанија.

