Skip to main content
Економија

Дизелот од вечерва поскапува

06/04/2026  16:35

Дизелот од ноќеска на полноќ поскапува за 2,5 денари, цената на 95 октанскиот бензин БС-95 се намалува за половина денар, а цената на 98 октанскиот бензин БС – 98 останува иста.

Пресметките на Регулаторната комисија не се совпаднаа со тие на Владата која очекуваше бензините да поевтинат, а цената на дизелот да остане иста. Па така од ноќеска на полноќ дизелот ќе се продава по 95 денари за литар, пресметано со попустот на Окта, наместо 92,5 денар. Цената на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе биде 81,5 денари наместо 82, а ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава по 83,5 денари за литар, исто како и сега. Ваква е математиката кога ќе се вкалкулираат сите мерки и попусти врз крајниот ефект на цените.

Цена на горивата од ноќеска на полноќ со вкалкулирани мерки и попусти
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 81,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 82,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 95,00 (денари/литар)
Инаку Регулаторната комисија со денешната одлука ги утврди највисоките цени на горивата кои се повисоки во просек за 1,41%. Максималните цена за дизелот е 98 денари, за БС 95 е 83,5 денари, а за БС -98 цената е 85,5 денари. Но, во овие цени не се вкулкирани дополнителниот попуст од Окта за трговците.

Од 7.4.2026 година од 00:01 часот максималните малопродажни цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 83,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 85,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 98,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 95,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 51,311 (денари/килограм)

Окта соопшти дека попустот ќе продолжи да важи до крајот на месецов. А регулаторна им препорача на трговците со нафта да го вкалкулираат на бензинските пумпи.

„РКЕ им укажува на нафтените компании да продолжат со постојната пракса и да го вкалкулираат обезбедениот попуст од страна на Владата со главниот добавувач ОКТА и да ги намалат малопродажните цени за 3 ден/лит за дизел и 2 ден/лит за бензините, со што ќе овозможат бенефитот од ова намалување директно да го почувствуваат граѓаните.“, велат од Регулаторната комисија за енергетика.

Премиерот пак утринава изјави дека со намалувањето на ДДВ-то, акцизите и со попустот од Окта, цената на бензините ќе се намали, а на дизелот ќе остане иста.

„Кога сето ова ќе се стави во функција, тогаш за бензините треба да имаме и поевтина цена од таа која што е сега, а за дизел горивата не би требало да имаме на одредени бензински пумпи покачувања и покрај тоа што имаме озбилна, предизвикувачка состојба во државата“, изјави Мицкоски.