Skip to main content
Македонија

Јаневска: Институт работел во просторија на обложувалница со две столчиња и душек

04/04/2026  16:47

Приватен институт функционирал во просторија на обложувалница, со две столчиња и два душека, вели министерката за образование.

„Тој беше регистриран во кладилница, во задната просторија, каде што институтот требаше да ги извршува своите функции, со две столчиња и два душека. Тој беше веднаш затворен, а вработени беа двајца луѓе“, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Јаневска ова го изјави по забелешките на приватните високообразовни установи за новиот предлог-закон за високо образование. Вели дека во понеделник предлог-законот ќе биде затворен и ќе се разгледува на Влада. До тогаш, сите приговори поврзани со законот повторно ќе бидат разгледани.

„Во понеделник законот ќе биде затворен и ќе биде даден во владина постапка. До понеделник, сè што е сериозен приговор и сè што е пристигнато повторно ќе се разгледа“, додаде Јаневска.

Опозицијата, пак, има спротивставен став. Според претседателот на СДСМ, Венко Филипче, нема доволен капацитет за спроведување и публикување на научни трудови. Додава дека, ако предлог-законот остане ваков, нема да го гласаат, но ќе дебатираат во Собранието.

„Се наметнуваат критериуми за објавување стручни трудови за кои нашиот научен систем, не само образовниот дел, не е подготвен. Не можат да се подготват такви трудови. Немаме капацитет, немаме лаборатории за тоа. Немаме ниту финансиски можности, ниту соодветна опрема за да се објавуваат трудови во списанија со висок импакт-фактор. Ние не сме подготвени за тоа.“ , изјави Венко Филипче