Skip to main content
Македонија

Достоинство или интеграција по секоја цена? Или достоинствена интергација! Македонскиот пат кон Европа

04/04/2026  10:15

Пишува: проф. д-р Иван Анастасовски

Нема поубаво чувство кај секој еден поединец, секоја група или еден народ да чекори гордо и достоинствено со дигната глава, со силен личен интегритет и дигнитет, но дали тоа денес е возможно за нас македонците како мала нација која поминала силни политички премрежија и страдања.

Патот на Македонија кон Европска Унија одамна престана да биде само надворешнополитичка цел. Тој стана огледало на нашата државност, зрелост и најважно од се тоа е самопочит. Денес, суштинското прашање не е дали сакаме во Европа, туку како сакаме да стигнеме таму: како рамноправен партнер или како држава што постојано попушта под притисок.

Ќе споредам едно мое свежо искуство од аспект на средба со почитуваниот мој пријател д-р Филипче (пред се) а потоа и претседател на најголемата опозициона партија, кој да бидам реален имаше искрена желба да ме интегрира во нивниот систем кој за жал според мене е дезинтегриран (окупиран од поединци) систем а воедно истито тој систем е повеќе од потребен за нашиот интегративен европски пат. Во разговорот, за прв пат во мојот живот ја оставив прагмата по страна и поставив силна линија на самопочит од која не се поместувам ниту милметар, но факт е дека со такви ригидни ставови тешко се остваруваат целите, но исто така факт е дека такви ригидни (децидни) ставиви ве прават се чувствувате посилни и многу подостоинствени како личност и професионалец. Затоа сум убеден дека нема подобро чувството од она кога ќе демонстрирате достоинствен став тоа е непроценливо.

И сега правам една можеби не толку соодветна паралела со нашата држава Македонија веќе покажа дека знае да прави тешки компромиси и тоа преточени во Преспански договор кои воедно беше претставен како историски исчекор, како билет за европска иднина, но за тоа добивме за сега само влез во Алијансата кое значеше задоволување на нашите европски амбиции. Но наместо финална станица, тој договор се покажа како само уште една етапа во процес кој постојано поставува нови услови, за кои веројатно сегашниот премиер Проф. Мицкоски демонстрира одредена резерва и страв, кој го преточува во негов цврст став дека ќе чекаме со децении ако е потребно, што кај нашиот внимавајте мнозински народ делува достоинствено, но при тоа да не заборавиме тука се и останатите заедници кои се дел од нашиот Устав и со нив мора да има одредено усогласување на овие ставови. Но она што е важно да се истакне е тоа дека отстапките во делот на договори со ЕУ не е веќе само наш проблем, туку тоа станува и слабост на самата европска политика на проширување.

Ако на оваа се додаде и дополнителниот предизвик кои дојде преку билатералните спорови, особено со Бугарија, кои го претворија процесот на интеграција во поле за историски и идентитетски преговори. Тука линијата помеѓу компромис и понижување станува опасно тенка. Кога идентитетот станува предмет на преговарање, тогаш не станува збор за европеизација, туку за условена асимилација.

Но да бидеме искрени: дел од вината е и наша. Со години, европскиот пат се користеше како изговор за внатрешни слабости, и тоа преку: нефункционални институции, селективна правда (политичка пресметка или хајка) и хронична корупција преку која се урнисува целиот наш општествен систем особено во делот образованието. Достоинството не се брани само во Брисел, туку пред се дома, оти ако една држава нема владеење на право тешко може да бара почит од другите.

Затоа, вистинската дилема не е „ЕУ или достоинство“, туку како да се постигнат и двете. Македонија мора да постави јасни граници, идентитетските прашања не смеат да бидат валута за политички договори. Истовремено, мора да покаже дека европските вредности не ги прифаќа декларативно, туку дека ќе ги живееме преку силни институции, правна држава и економска стабилност.

Исто така, потребна е нова политичка култура. Европската интеграција не смее да биде партиска алатка за дневна политика. Потребен е национален консензус минимум заеднички позиции кои нема да се менуваат со секоја нова влада. Без тоа, Македонија ќе продолжи да се движи во круг, наместо напред.

За жал Европа денес е различна од онаа пред една деценија. И самата Европска Унија се соочува со внатрешни дилеми, проширувањето е забавено, а политичките интереси често доминираат над принципите. Во такви услови, Македонија мора да биде мудра: да не се откаже од целта, но во исто време и да не ја изгуби себе си на патот до неа, едноставно да направи напори да чекориме достоинствено на тој пат. Но, достоинствената интеграција не е лесен пат. Таа бара трпение, храброст и јасна визија. Но тоа е единствениот пат што има смисла. Зашто Европа без достоинство не е успех, туку пораз во поубаво пакување.

Еве на пример еден предлог од моја страна, кога веќе разговараат за консензус и одредени платформи и резолуции нашите политички партии, нека се надминат и нека потпишат заедничка платфрома која понатака ќе ја усвојта како резолуција во нашето Собрание насловена “Достоинство и Европа“ со еден основен принцип наречен “достоинствен“ а тоа еМакедонија кон Европска Унија не оди како молител, туку како партнер со јасен идентитет и интереси. Ова би било срцето на достоинството преку една клучна порака интеграција со идентитет, а не асимилација, преку јасна порака за македонски јазик и идентитет кои би биле надвор од преговарачката рамка, историските прашања да не бидат услов за членство и билатерални спорови (особено со Бугарија) да не го блокираат процесот. Вака нешто формализирано би преставувало достоинство за нас мнозинскиот народ,но ова понатака треба да се усогласи и со сите заедници во нашата држава за да биде општ консензус. Но, дали оваа е возможно, сепак треба да ги прашаме политичките партии тие се двигателот.

Како за крај многу е значајно да испратиме јасна порака на нашите европски пријатели дека Европа ја градиме дома, не во Брисел и тоа преку неколку приоритети како што се реформа на судство (мерит систем, ветинг), борба против корупција (високи случаи, не само ситни), департизација и професионализација на јавната и државната администрација и нормално градење на дигитална држава. Сето ова би требало да биде поддржано од државата преку наша активна дипломатија проследена со проширување на стратешко партнерство и со клучни земји од ЕУ како што се Германија, Франција, Италија, па дури и Шпанија која во последно време преку новиот премиер покажува силина, лобирање во европски институции и интернационализација на блокадите се со цел Македонија да не биде сам играч. Конечно би сакам да верувам дека го можеме ова како држава.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.