
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, за време на работната посета на збратимената општина Стари Град во Белград, оствари средба со својот колега и домаќин, градоначалникот Радослав Марјановиќ.
Посетата се реализира по повод 150 години од формирањето на општината Стари Град.
На средбата, делегациите на двете општини разменија искуства и разговараа за продлабочување на соработката во областа на културата, спортот, образованието и урбаниот развој.
„Нашите збратимени општини имаат слични проекти и приоритети. Токму затоа е клучно да споделуваме искуства и да учиме едни од други. Преку вакави врски и соработка, ги промовираме културните вредности и туристичките потенцијали што ги поседуваме”, рече Герасимовски.
Општина Центар и Стари Град се збратимени повеќе од две децении, а соработката има за цел продлабочување на врските меѓу локалните власти, како и зближување на граѓаните преку културна, спортска и образовна размена и други заеднички иницијативи, со што се зајакнува пријателството меѓу двете локални заедници.


