
Соопштение за јавност на Левица:
Додека Владата предводена од ДПМНЕ декларативно се залага за спас на македонското село, Министерството за образование спроведува уништување на СОЗУ „Кузман Шапкарев” – Битола. Со одлуката да не се предвиди упис на нови ученици за учебната 2026/2027 година, власта директно гаси институција со вековен континуитет која датира уште од 1908 година. Овој обид за затворање на училиштето, кое успешно пребродило војни и окупации, претставува институционален преседан кој има за цел да го остави најголемиот земјоделски регион во државата без сопствен стручен кадар.
Пелагонија е столбот на домашното производство, а „Кузман Шапкарев” со децении е единствениот центар кој продуцира ветеринарни и земјоделски стручњаци неопходни за негов опстанок. Со прекинување на образовниот процес, Министерството свесно ги саботира веќе отпочнатите проекти за практична настава и соработка со агро секторот, фрлајќи ги во вода вложените ресурси и опрема. Бројот на ученици не смее да биде само сува статистичка бројка за бирократите во Скопје, туку мора да се гледа како инвестиција во идни агрономи и советодавци кои се клучни во време на климатски промени и прехранбена криза.
Левица Битола алармира дека ова не е само образовно прашање, туку обид за економско обезглавување на регионот. Наместо да инвестира во модернизација на училиштето кое досега оспособило над 3.500 професионалци, државата избира да ги затвори вратите за младите битолчани, туркајќи ги кон иселување или евтина работна сила. Бараме итно ревидирање на Конкурсот за упис, бидејќи уништувањето на земјоделското образование во срцето на Пелагонија е чин на национално предавство врз сопствениот народ и стопанство.

