Skip to main content
Свет

Цените на пластиката драстично се зголемија поради затворањето на Ормуз

03/04/2026  11:44

Прекинот во транзитот на нафта и петрохемиски производи низ Ормутскиот теснец ги наруши глобалните синџири на снабдување и ги крена цените на пластиката и полимерите на највисоко ниво во последните четири години, додека увозниците бараат нови добавувачи и замена на суровини по значително повисоки цени, предупредуваат аналитичарите.

Петрохемиски производи во вредност од 20 до 25 милијарди долари годишно минуваат низ Ормускиот теснец, проценува холандската „Рабобанк“, што укажува дека долгорочните нарушувања би можеле да ги принудат производителите да ги префрлат повисоките трошоци на крајните потрошувачи.

„Сите компании што ги увезуваат од Блискиот Исток, што е практично целиот свет, изгубија голем снабдувач и сега се натпреваруваат за замена на суровини по значително повисоки цени“, предупредува аналитичарот на OPIS, Џоел Моралес

Предводен од Саудиска Арабија, Блискиот Исток учествуваше со повеќе од 40 проценти во глобалниот извоз на полиетилен во 2025 година и снабдува речиси секој регион во светот освен Северна Америка. Цените на клучните пластични материјали, како што се полиетиленот (PE) и полипропиленот (PP), нагло се зголемија од почетокот на конфликтот, по зголемувањето на цените на суровата нафта и другите суровини.

„Глобалната логистика стана неизвесна“, вели Џим Фитерлинг, извршен директор на Dow, проценувајќи дека половина од светското снабдување со полиетилен е засегнато од настаните на Блискиот Исток. Аналитичарите предупредуваат дека евентуалното целосно затворање на Ормутскиот теснец би можело да ги наруши испораките на околу 1,2 милиони барели од специјализираниот нафтен дериват.