
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето против Стојанче Јовановски, обвинет за наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана, при што беа изнесени нови вознемирувачки детали што фрлаат светлина врз односите во семејството и наводното долгогодишно насилство.
Потресните сведоштва на братот на жртвата и на сосетката открија наводи за системско насилство, економски уцени, контрола врз комуникацијата, но и шокантно однесување на полицијата.
Александар Стојановски, братот на Ивана, пред судот изјави дека неговата сестра живеела во континуиран страв и изолација. Според него, обвинетиот се обидувал да го преземе нејзиниот имот преку притисоци и закани.
„Стојанче ѝ се закануваше дека ќе ѝ го земе станот. Бараше 30.000 евра за да си оди. Се согласив да и помогнам, но сакав да бидеме сигурни дека парите нема само да ѝ бидат земени без трајно решение“, изјави Александар.
Тој посочи и дека семејството се посомневало дека некој друг испраќал пораки од телефонот на Ивана, особено за време на оставинската постапка за имотот на нивниот татко, бидејќи стилот на комуникација бил различен и содржел барања што таа претходно не ги поставувала.
Според сведочењето, Ивана поседувала и докази за наводни криминални активности на обвинетиот, но од страв не се осмелила да ги предаде.
Поради закани дека ќе биде запален имотот на нивната мајка, семејството ја прекинало оставинската постапка за да избегне дополнителен ризик. И покрај сериозноста на заканите, тие не ги пријавиле во полиција, надевајќи се дека обвинетиот ќе заврши во затвор за претходен случај поврзан со дрога, што, според нив, требало да значи спас за Ивана.
Дополнително, семејството забележало значителна промена во нејзиното однесување од почетокот на 2025 година, кога престанала да испраќа фотографии од својата ќерка, што било невообичаено за неа.
Најшокантен дел од денешното рочиште беше сведочењето на сосетката Тања Спировска, која изјави дека две години слушала насилство во станот над неа.
„Една ноќ околу 2 часот по полноќ ја слушнав шестгодишната Катја како вреска: ‘Тато, ќе ја убиеш мама!’. Тоа го слушаа речиси сите комшии“, сведочеше Спировска.
Таа додаде дека двапати повикала полиција, но наместо реакција, се соочила со закани.
„Вториот инспектор беше дрзок и нервозен. Тропаше на погрешни врати, а кога му укажав каде е насилството, ми се закани со кривична пријава за лажно пријавување“, рече таа.
Според неа, насилството не се слушало во ходниците, туку вертикално низ становите, поради што полицијата често си заминувала со констатација дека „сѐ е мирно“.
На рочиштето сведочеа и наставничката на малолетната Катја, како и други сведоци кои треба да помогнат во расветлување на атмосферата во домот пред трагичниот настан на 2 март.
По овие сведоштва, јавната обвинителка се откажа од сослушување на мајката на обвинетиот, оценувајќи дека фактичката состојба е доволно разјаснета. На следното рочиште се очекува да бидат презентирани материјалните докази од истрагата.

