Skip to main content
Скопје

Град Скопје ја разреши директорката на „Лајка“, Анима Мунди бара итно повлекување на одлуката

30/03/2026  21:08

Град Скопје донесе одлука за разрешување на директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева, што предизвика остри реакции кај здружението за заштита на животни Анима Мунди, од каде велат дека станува збор за неочекуван и нетранспарентен потег.

Од организацијата соопштија дека Пешева, која е активистка на Анима Мунди и долгогодишен борец за хумано и системско справување со проблемот со бездомните животни, за разрешувањето била известена телефонски, без претходна средба, без образложение и без официјална институционална комуникација.

Според Анима Мунди, во изминатиот период до надлежните биле доставени обемни документи, предлог-законски измени, усогласувања на институционалните надлежности, како и стратешки и акциски план за развој на ЈП „Лајка“, под мотото „За Скопје што се грижи“.

Од таму оценуваат дека начинот на кој е донесена одлуката испраќа сериозна порака за идниот правец во кој ќе се движи претпријатието. Посочуваат дека отстранувањето на луѓе кои, според нив, дале конкретни резултати во услови на системска нефункционалност, не претставува само административен чин, туку и јасен сигнал за односот кон институцијата.

Во реакцијата се наведува дека ЈП „Лајка“ во изминатиот период се развивало како модел за градење функционална институција во средина каде, како што тврдат, системот за контрола на бездомните животни речиси и не постои. Според нив, во тој процес биле вклучени повеќе од сто различни чинители – активисти, ветеринари, граѓански организации, институции, донатори и меѓународни партнери.

Од Анима Мунди порачаа дека не може да се зборува за хуманост и системски пристап доколку се отстрануваат луѓето кои го создале и го развивале тој модел. Тие ја оценија одлуката како морален и политички избор и побараа таа да биде повлечена.

И покрај разрешувањето, активистите најавуваат дека ќе продолжат со ангажманот околу „Лајка“ и грижата за животните, нагласувајќи дека нема да се повлечат од, како што велат, борбата за принципите, довербата и концептот што бил изграден.