Skip to main content
Свет

САД планираат инвазија на специјални сили за одземање на иранскиот ураниум?

30/03/2026  08:53

Американскиот претседател Доналд Трамп ја разгледува можноста за воена операција со која САД би извлекле речиси 450 килограми збогатен ураниум од Иран, според американските претставници, пишува „Волстрит џурнал“. Станува збор за сложена и ризична мисија која веројатно би ги задржала американските сили во Иран со денови или дури и подолго.

Трамп сè уште не донел конечна одлука, рекоа официјалните лица, додавајќи дека го разгледува ризикот за американските трупи. Сепак, според нив, тој во принцип е отворен за таа опција бидејќи тоа би можело да помогне во остварувањето на неговата клучна цел – спречување на Иран да развие нуклеарно оружје.

Вашингтон врши притисок врз Иран да го предаде материјалот

Претседателот, според извори запознаени со неговото размислување, им наложил на своите советници дополнително да вршат притисок врз Иран да се согласи да предаде нуклеарен материјал како услов за завршување на војната. Трамп јасно стави до знаење во разговорите со политичките сојузници дека на Иран не смее да му се дозволи да го задржи материјалот и ја разгледува можноста САД да го земат со сила доколку Техеран не се согласи со тоа во преговорите, објавува „Волстрит џурнал“.

Пакистан, Турција и Египет дејствуваат како посредници меѓу САД и Иран, но директните преговори за завршување на војната сè уште не се започнати.

„Работата на Пентагон е да подготви опции, така што врховниот командант ќе има максимален избор. Ова не значи дека претседателот донел одлука“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит. Пентагон не даде коментар, а портпаролот на Централната команда на САД, исто така, одби да коментира.

Трамп во неделата вечерта им рече на новинарите дека Иран мора да ги исполни барањата на САД или „нема да имаат земја“. Зборувајќи за ураниумот, тој рече: „Тоа ќе ни даде нуклеарна прашина“.

Каде е ураниумот на Иран?

Пред нападите на САД и Израел врз Иран минатиот јуни, се проценуваше дека Иран поседува повеќе од 400 килограми ураниум збогатен до 60 проценти и речиси 200 килограми материјал збогатен до 20 проценти, кој релативно лесно може дополнително да се збогати до ниво од 90 проценти, потребно за производство на нуклеарно оружје.

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, изјави дека поголемиот дел од тој ураниум веројатно се наоѓа на две од трите локации што ги таргетираат САД и Израел: подземен тунел во нуклеарниот комплекс Исфахан и складиште во Натанц. Експертите предупредуваат дека Иран има центрифуги за збогатување ураниум и можност за воспоставување нови подземни објекти.